Нора Шаќири разрешена од в.д. директор на Театар Комедија
Министерката за култура, Ирена Стефоска ја разреши в. д. директорката на Театар Комедија, Нора Шаќири-Марковиќ, соопшти Министерството за култура, додавајќи дека нова в. д директорка е актерката Магдалена Ризова-Черних.
Одлуката е донесена по добиениот Извештај од Државниот инспекторат за труд.
„Во Извештајот е констатирано дека раководното лице презело активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алинеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место. Со тоа се потврдува дека раководното лице водело и ја завршило дисциплинската постапка врз вработени во време на изборен процес“, велат од кабинетот на министерката Стефоска.
Шаќири-Марковиќ дојде на функцијата на 2 февруари годинава, откако Стефоска го разреши дотогашниот директор Сашо Ристовски поради неправилности во работењето. Мандатот како в.д. директор и истекува за два месеца.
Театар Комедија е основан во 2011, и е сместен во зградата на некогашниот Театар „Центар“.