Нон-пејпер од 13 членки на ЕУ за поддршка за датум на преговори


Амбасадорите на ЕУ на утрешниот состанок во Брисел на маса ќе го имаат нон-пејперот на тринаесет земји членки на, главно од „Новата Европа“, плус Италија и Австрија, со кој тие сакаат да му дадат нов поттик на процесот на проширувањето на блокот кон Западен Балкан. И особено да ја искажат поддршката за почеток на преговори со Македонија и Албанија, објави денеска „Еурактив“.
Ова се тие 13 земји: Естонија, Литванија, Латвија, Чешка, Полска, Словачка, Унгарија, Бугарија, Италија, Австрија, Хрватска, Словенија и Малта. Само Романија од посткомунистичките земји (која сега е и претседавач со ЕУ) не е потпишана на овој нон-пејпер. Меѓу потписниците не е ни Грција.
„Идејата е да отпочнеме повик за отворање пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија”, изјави за „Еурактив“ дипломат од една од 13. земји.
„Тоа е, исто така, форма на притисок, со цел да се каже дека дилемата за тоа дали прво ни треба продлабочување на ЕУ и проширување подоцна е вештачка и погрешна. Доколку двата процеса не одат заедно, ЕУ наскоро ќе се соочи со Западен Балкан, но, за жал, на еден пострашен и болен начин за двете страни“, рече дипломатот.
Европската комисија формално препорача отворање на разговорите со Скопје и Тирана, но одлуката треба да биде потврдена од сите земји членки во Советот, каде што Франција и Холандија ја предводат опозицијата.
„Станува сè потешко да се разбере оваа вештачка дилема бидејќи зборуваме за отворање преговори, а не за вистинско проширување. Запад очигледно не може да го разбере тоа“, изјави дипломатот на ЕУ за „Еурактив“.
Во Германија проширувањето ја подели големата владејачка коалиција ЦДУ/ЦСУ. Гинтер Крихбаум, претседател на Европскиот комитет на Бундестагот, рече дека одлуката нема да се донесе пред октомври.
Но европскиот државен министер во Министерството за надворешни работи, Мајкл Рот (СПД), сака преговорите да започнат веднаш. „Сега е до ЕУ да испорача. Дадовме збор и треба да ги држиме нашите ветувања“, напиша Рот во колумна за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Чешкото Министерство за надворешни работи потврди дека земјата е една од 13. потписници. Министерот за надворешни работи, Томас Петричек, повика на поактивна улога во регионот. „Јас ќе бидам силен поддржувач за давање зелено светло за двете земји“, изјави Петричек на петокот околу започнувањето на разговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија.