Ноќта кога го пронајдовме „Папокот на светлината“ – промовиран новиот роман на Венко Андоновски


Фото: Б. Грданоски

Во кино „Милениум“ во Скопје синоќа влеговме какви што сме. По час и половина излеговме како други луѓе. Подобри.Промоцијата на новата книга на Венко Андоновски, „Папокот на светлината“ (Издавачки центар ТРИ) беше прекрасен повод за да се собереме толку многу на број и цел час да ги слушаме зборовите на познатиот автор и професор Венко Андоновски.

Фото: Б. Грданоски

Културната елита, обожаватели и читатели кои десет години го чекаа новиот роман по објавувањето на последниот роман „Ќерката на математичарот“ и 22 години од „Папокот на светот“, книгата што ги освои книжевните награди Роман на годината, „Стале Попов“, „Балканика“ и руската награда „Југра“.

Фото: Б. Грданоски

Настанот го отвори Весна Мојсова-Чепишевска, која даде извонреден осврт кон ликот и делото на еден од најпознатите македонски автори. Потоа познатата авторка и издавач Винка Саздова го водеше разговорот со писателот и успеа да допре до срцевината на романот кој допрва ќе го читаме, но и до срцевината на човекот. Беа загатнати и одговорени многу прашања за вербата и невербата, суетата, религијата, љубовта, општеството, човекот, меѓучовечките односи, светот. Потоа за дуалните односи на животот и смртта, моментноста и бесконечноста, ангелот и ѓаволот, доброто и злото…

Фото: Б. Грданоски

На сцената беше и Игор Џамбазов, кој правејќи му го на Венко Андоновски таканаречениот Прустов прашалник, успеа да ни го доближи Венко преобразувајќи го од наш омилен автор во наш омилен човек.

Авторката и издавач Винка Саздова (десно)

По 22 години од објавувањето на „Папокот на светот“ и 10 години од објавувањето на последниот роман „Ќерката на математичарот“, добивме книга за која веруваме дека ќе стане исто толку култна колку и другите негови дела. Оваа промоција ни ја врати вербата дека македонските читатели сакаат да читаат домашна литература. Слушавме во тишина. Онака како што најдобро се слуша, со срцето.

Фото: Б. Грданоски
Култниот македонски тапанар Гарабет Тавитјан/ Фото: Б. Грданоски
Актерот Благоја Чорески/ Фото: Б. Грданоски
Со колеги од Филолошкиот факултет во Скопје/ Фото: Б. Грданоски
Фото: Б. Грданоски