Регистрирани серија земјотреси во Мавровско, тлото не мирува и во Грција, Хрватска…


Ноќеска и утринава беа регистрирани уште неколку земјотреси во регионот на Маврово со јачина од над два до 3,1 степени, откако синоќа нешто по 22 часот се почувствуваа двата најсилни од 4,7 односно 4,2 степени по Рихтер.

Како што покажуваaт податоците на специјализираните апликации за земјотреси, тлото во Мавровско се тресеше и во 23:25 часот, кога бил регистриран земјотрес со јачина од 3,1 степени, а потоа и 49 минути по полноќ кога земјотресот бил со јачина од 2,6 степени според Европската макросеизмичка скала. Земјотрес имало и нешто по 3 часот по полноќ, со јачина од 3,3 степени според ЕСМЦ, како и во 04:24 часот послаб потрес од 2 степени. 

 

Инаку, синоќа во 22:17 часот граѓаните на Маврово, Гостивар, Скопје и други градови ги вознемири земјотрес со интензитет од 4,6 степени според Рихтеровата скала чиј епицентар беше на 65 километри југозападно од Скопје, според Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според Европско-медитеранскиот сезимолошки центар, земјотресот бил на длабочина од 10 километри под површината на земјата, со епицентар на 18 километри југозападно од Гостивар.

Овој земјотрес беше најсилно почувствуван од населението во Маврово, Дебар, Гостивар, Тетово и Кичево со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала, a во останатите делови со интензитет од III-IV степени според истата скала, информира Сеизмолошката опсерваторија.

Во 22 часот и 28 минути во истото епицетрално подрачје е региситриран и втор потрес со магнитуда од 4,4 степени според Рихтер. Овој потреес најсилно е почувствуван од населението во Маврово, Дебар, Тетово, Гостивар и Кичево со интензитет од IV-V степени според Европската макросеизмичка скала.

Претходно, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека нејзината телеметриската сеизмолошка мрежа во 20 часот и 40 минути, регистрирала земјотрес со епицентар на 50 километри југозападно од Скопје.

– Земјотресот беше со локална Рихтерова магнитуда од 3,0 степени. Според досегашните податоци земјотресот беше почувствуван од населението во Дебар, Гостивар, Кичево и Маврово со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, информираат од Сеизмолошката опсерваторија.

Инаку, освен во Македонија, земјотреси беа регистрирани и во Хрватска и во Грција. 

Во Хрватска, во Драганиќ во близина на Карловац утринава во 06:41 часот бил регистриран земјотрес со јачина од 2,9 степени според ЕМСЦ. 

Во Грција, во околината на Трикала, во близина на Лариса, продолжи интензивната сеизмичка активност, па ноќеска имаше повеќе земјотреси над 2 степени, а најсилен беше регистриран во 04:49 часот со јачина од 3,2 степени со епицентар на 35,8 километри североисточно од Трикала.