„Нокаут“ место Тамара на „Пивофест“


Мали промени има и во официјалната програма на „Пивофест“ , односно наместо поп-пејачката Тамара Тодевска, која по критиките во јавноста  со изведбата на македонската химна во американската амбасада, го откажа настапот,  на 20 јули наместо неа ќе настапи македонски бенд „Нокаут“, а последната вечер е дополнета со хрватската ѕвезда Данијела Мартиновиќ.

Од четврток -18 до 21 јули во Прилеп по 17-ти пат ќе се одржи традиционалниот Фестивал на пивото и на скарата . Четирите фестивалски дена ќе донесат голем број посетители и новини со што ќе се збогатат содржините на оваа, една од најголемите летни манифестации, препознатлива на Балканот, соопштија на прес-конференција организаторите: Прилепската локална самоуправа и агенцијата „Баги комуникации“ од Скопје.

На Фестивалот ќе има преку 20 штандови и се ќе биде поставено на површина од 4.131 метар квадратен.

Владимир Мандичевски од агенцијата „Баги комуникации“ која со години организира настани и манифестации во и надвор од државава нагласи дека програмата ќе донесе голем број познати изведувачи.

– Голем предизвик е да се организира ваков Фестивал кој има 16-годишна традиција и до Белград е регионално најголем, а е и во врвот на најголемите македонски фестивали. Програмата е конципирана за сите генерации, со посебен акцент на локални и наши групи изведувач. Направен е избор на различен вид музика со гости од целиот регион. Во четврток, на 18 јули, ќе настапат „Прилепски еснаф“, дуетот Селимова-Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а вечерта ќе заврши со настапот на рок-групата „Галија“. В петок, на 19 јули, се Ален Хасановиќ, Миле Кузманоски, Кантурови и Светлана Ражњатовиќ-Цеца. Во сабота на 20 јули термините се резервирани за „The Hounds“, Влатко Стефановски-трио, Фрајле и за „Нокаут“, а последната вечер, на 21 јули, недела, настапуваат „Бен Хур“, „Кал Бенд“ од Белград кој изведува џипси рок низ цел свет, Сања, Маринко и Зец ќе ги пеат песните на групата „Нови Фосили“  „Cyrillic“, и Данијела Мартиновиќ-објаснува Мандичевски.

Мотото на Фестивалот е „За добра мисла“. Буџетот кој го одвојува локалната самоуправа за „Пивофест“ е 2,5 милиона денари за покривање на авторските хонорари на учесниците. Како и лани цената за паркинг-простор е 50 денари.