„Ноје цирхер цајтунг“: ЕУ повеќе не нуди убедлива перспектива за Балканот


Швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“ објави дека Европска Унија повеќе не нуди убедлива перспектива за проширување на Балканот, со што се намалува влијанието на Западот, а јакне влијанието на други земји.

– ЕУ и Западот значително изгубија доверба и можност за влијание врз Балканот и со тоа е овозможено поголемо влијание на Русија, Кина и Турција, наведува швајцарскиот весник.

„Ноје цирхер цајтунг“ истакнува дека Русија е популарна пред се помеѓу православните граѓани и се претставува како „чувар на конзервативните вредности и противтежа на декадентниот Запад“, додека Турција е поврзана со муслиманите.

Авторот на анализата оценува дека влијанието на Русија, Кина и Турција крие реални ризици по Балканот.

– Москва се бори против јакнење на западното влијание во рој регион, посебно влијанието на НАТО. Русија при тоа одлично умее да ги инструментализира историските црти на раздвојување и латентна нестабилност во регионот. Анкара во одредена смисла ги извезува своите поимања за правна држава и се повеќе бара помош во прогонот на противниците на нејзината Влада. Големите проекти што ги финансира Кина, а до кои често се доаѓа со помош на корупција, имаат потенцијал да ги поткопаат стандардите на правната држава, се наведува во текстот.

Но, сепак „Ноје цирхер цајтунг“ оценува дека мали се шансите балканските држави да се свртат кон Москва или Анкара, додавајќи дека трговската размена на земјите од регионот со Русија изнесува само шест отсто, додека трговската размена со ЕУ е 73,5 проценти.

„Ноје цирхер цајтунг“ посочува и дека Москва, Анкара и Пекинг не дејствуваат сложно, туку имаат различни интереси на Балканот.

– Но, иако од Исток не му се заканува сериозна конкуренција, Западот губи на Балканот, а со тоа и тие делови од тамошното населени кое сака своите држави да се модернизираат и демократизираат. Бидејќи, во иднина ќе биде уште потешко да се унапредат вредностите како што се правна држава, демократија и либерална пазарна економија, а со тоа и да се придонесе за долгорочна стабилизација на тој европски регион што е најмногу оптоварен со конфликти, посочи швајцарскиот весник.