УЕФА ги прогласи најдобрите: Ноер – голман, Левандовски – напаѓач, де Бруин во средниот ред


Голманот на Баерн Минхен, Мануел Ноер е прогласен за најдобар голман на УЕФА минатата сезона.

Германецот стигна до „требл“ со Баварците, кои триумфираа во Лигата на шампионите.

Последните недели Ноер додаде уште два трофеи по освојувањето на Суперкупот на Европа и Суперкупот на Германија со Баерн.

Во првите тројца за најдобар голман се и Кејлор Навас (Пари Сен Жермен) и Јан Облак (Атлетико Мадрид).

Антони Лопез (Лион) остана на четвртото место, а Алисон Бекер (Ливерпул) беше петти.

Фудбалерот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски беше прогласен за најдобар напаѓач за минатата сезона на доделувањето на наградите на УЕФА.

Полјакот стана најдобар стрелец не само во Лигата на шампионите, туку и за цела Европа, пред стрелецот на Лацио, Чиро Имобиле. Неговите голови несомнено му помогнаа на Баерн на патот кон освојување на посакуваниот „требл“.

Неговите настапи не можеа да ги занемарат неговите колеги, како и европските новинари кои му ја доделија наградата на Левандовски.

Фудбалерот на Манчестер Сити, Кевин де Бруин беше награден од УЕФА со наградата Најдобар играч од средниот ред за минатата сезона.

Белгиецот победи во силната конкуренција, иако „граѓаните“ беа елиминирани во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Де Бруин не присуствуваше на церемонијата денес во Женева и се заблагодари од далечина.

– Оваа награда е многу вредна за мене, бидејќи во Лигата на шампионите се натпреваруваш со најдобрите, рече играчот за врска на Манчестер Сити.

Тренерот на Баерн Минхен, Ханси Флик е прогласен за најдобар тренер од страна на УЕФА за минатата сезона. Во тројката тренери се двајца негови сонародници – Јирген Клоп (Ливерпул) и Јулијан Нагелсман (РБ Лајпциг).

Доминацијата на Германија продолжува со четвртото место, на кое остана Томас Тухел (ПСЖ). Петтата позиција е за Џан Пјеро Гасперини, кој ја предводеше Аталанта во многу силна сезона.

Напредокот на Флик беше извонреден. За само неколку месеци ги освои скоро сите трофеи со Баерн. Во јули 2019 година, стручњакот беше назначен за асистент на Нико Ковач на „Алијанц Арена“. Во ноември истата година, тој стана главен тренер на тимот. Потоа следуваше еден од најсилните периоди во историјата на клубот.

Под негово водство, Баварците ги освоија титулата и Купот во Германија и Лигата на шампионите, а потоа ги додадоа и Суперкупот на Европа и Суперкупот на Германија.

Тимот запиша серија од 22 последователни победи и 32 последователни натпревари без пораз.