Нобеловецот Даниел Шехтман во Скопје: Човековата генијалност е највредниот ресурс
Највредниот ресурс не е златото во планините, ниту минералите, највредниот ресурс е човековата генијалност, рече професорот Даниел Шехтман, добитник на Нобеловата награда за хемија во 2011 година, кој денеска држи предавање на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Пред преполниот амфитеатар, Шехтман им порача на студентите дека тие се паметни, дека продолжиле со своето образование и ќе имаат добри работни места. Тој е убеден дека и необразованите ќе најдат работа (ќе чистат улици, ќе работат во хотели), но дека образованите се тие кои ја носат економијата на земјата на своите рамења.
Неговото предавање беше насочено кон состојбите во Македонија. Шехтман рече дека политиката едно дете по мајка не носи кон зголемување на бруто домашниот производ.
– Во Македонија тој процент е 1,3, но уште не сум видел семејство со 1,3 деца – се пошегува Шехтман – поздравувајќи ја својата сопруга (присутна во публиката) со која има две деца и 12 внуци.

Во своето предавање се осврна на постоењето на корупцијата, која влијае на младите претприемачи да се откажат од своите идеи и порив да отворат стартап, а државата е таа која треба да обезбеди заштита од корупција.
Шехтман вели дека преприемач не се станува ако твоите родители биле претприемачи или добро образовани луѓе.
– Повеќето успешни претприемачи потекнуваат од работнички семејства, такашто оние кои почнале со некој бизнис, биле образовани и имале храброст – вели Шехтман.
Тој им порача на студентите дека при отворањето свој бизнис, ќе се соочуваат со многу проблеми: нема да можат да најдат добри работници, нема да имаа доволно пари за почеток итн. Но, порача дека проблемите треба да се решаваат попатно.
Ако сакате да почнете да продавате производ, почнете сега. Ако чекате тој да биде совршен… Добро, ако сте „Мерцедес“ или „Фолксваген“, па може да почнете да продавате кога производот ќе го доведете до восршенство. Ако имате производ – почнете да го продавате сега! Подоцна усовршувајте го, но почнете да го продавате сега! – порача Шехтман.
Професорот објаснуваше дека во многу земји неуспехот на претпријатието е срам, но дека тоа не треба да ве спречи да почнете.
– Многу стартапи ќе пропаднат и тоа носи срам, особено во земјите на истокот: Јапонија, Јужна Кореа, па затоа, поголемиот дел од бизнисот таму е воден од големи корпорации. Затоа луѓето си велат, `добро, ќе почнам и ќе пропаднам, па ќе нанесам срам на мене, на моето семејство, подобро е да си работам сигуно, во некоја голема компанија`. Но, моите студенти не ги учам така! Почнете, доживејте неуспех, и почнете одново. Неуспехот е ОК, почни одново! Научно е докажано дека вториот пат имате далеку помали шанси да пропаднете. Затоа што нема да ги повторите истите гршки како првиот пат. Се надевам. Моите студенти ми рекоа, зошто да учат на сопствените грешки, кога може да научат од туѓите?! Уште подобро! Искористете ги туѓите грешки и почнете го својот стартап – порача Шехтман.
Предавањето е во тек.