Нобелова награда за економија за Бернанки, Дајмонд и Дибвинг


Нобеловата награда за економија оваа година им е доделена на тројца американски економисти за нивните истражувања за банки и финансиски кризи.

Наградата ја добија Бен Бернанки, поранешен претседател на американската централна банка ФЕД, Даглас Дајмонд и Филип Дибвиг, соопшти денеска Нобеловиот комитет.

Важен наод во нивното истражување е зошто избегнувањето на колапс на банките е од витално значење. Современото банкарско истражување појаснува зошто имаме банки, како да ги направиме помалку ранливи во кризи и како колапсот на банките ги влошува финансиските кризи. Основите на ова истражување ги поставија Бен Бернанке, Даглас Дајмонд и Филип Дибвиг во раните 1980-ти. Нивните анализи беа од големо практично значење во регулирањето на финансиските пазари и справувањето со финансиските кризи.

„Увидите на лауреатите ја подобрија нашата способност да избегнеме сериозни кризи и скапи спасувачки пакети“, вели Торе Елингсен, претседател на комисијата за наградата за економски науки.

Нобеловците добиваат 10 милиони шведски круни (речиси 900.000 долари), кои ќе им бидат врачени на 10 декември.

За разлика од другите награди, наградата за економија не беше воспоставена согласно тестаментот на Алфред Нобел од 1895 година, туку беше основана од шведската централна банка во негов спомен. Првиот добитник беше избран во 1969 година.