НЛБ Групацијата донира 350 илјади евра во Фондацијата на МБА „Заедно за едно“


НЛБ Групацијата, донира средства за долгорочна поддршка на семејствата на настраданите и повредените во пожарот кој неодамна се случи во Кочани. Сите банки-членки на Групацијата контрибуираат со одреден износ, со што вкупниот износ на донацијата изнесува 350 илјади евра, средства кои треба да помогнат на погодените во справување со последиците од трагедијата.

Средствата ќе бидат уплатени на сметката на неодамна основаната Фондација на Македонската банкарска асоцијација „ЗАЕДНО ЗА ЕДНО“, во која НЛБ Банка е еден од основачите, а чија основна цел е помош и поддршка во рехабилитацијата и медицинските третмани на повредените во пожарот, поддршка на менталното здравје на настраданите и нивните семејства, како и поддршка во образовниот процес и професионалната реинтеграција на лицата и семејствата кои се соочија со загуба.

„Длабоко жалиме за изгубените животи, Кочани е огромна трагедија. Во вакви моменти, важно е да се потсетиме на силата на заедништвото и на нашата подготвеност да се обединиме и да делуваме здружено и со сите капацитети. Впрочем, како основачи и донатори во Фондацијата на Македонската банкарска асоцијација која ја промовира солидарноста и општествената одговорност на банкарскиот сектор тоа и го потврдуваме. Изразуваме огромна благодарност до нашата групација, НЛБ Групацијата, и сите нејзини членки кои давајќи придонес кон оваа донација уште еднаш ја потврдуваат својата посветеност кон регинот во кој делуваме“ – изјави Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје. 

 

Непосредно по трагедијата, НЛБ Банка Скопје донираше и средства преку сметката на солидарноста на Црвениот крст на Република Северна Македонија, давајќи поддршка на организацијата која уште веднаш ги стави во функција сите механизми за материјална и хуманитарна помош на повредените и семејствата на настраданите, и сите свои расположливи капацитети за поддршка на институциите во справување со последиците од страотниот пожар.