НЛБ Банка на дресовите на европскиот ракометен шампион РК Вардар 1961


Една од нашите најголеми банки НЛБ Банка и двократниот, а воедно и актуелен шампион на Европа и повеќекратен освојувач на македонската ракометна Супер лига и на Mакедонскиот супер куп, „РК Вардар 1961“ склучија договор за спонзорство за тековната спортската сезона 2020/2021. Ова партнерство ќе го донесе логото на НЛБ Банка на дресовите на европскиот ракометен шампион кој и годинава ќе се бори на терените за да ја оправда европската титула.

„Кога два успешни титани ќе си подадат рака за соработка успесите се неизбежни. Ни причинува вистинско задоволство да го поддржиме тимот кој победува. Вардар е клуб со долга традиција и име со трофејна историја, а нашата Банка сериозен спонзор кој има за цел да биде поддршка и ветар во грб за постигнување на нови резултати на кои сите ќе бидеме горди. НЛБ Банка како општествено одговорна компaнија отсекогаш била тука не само како партнер во спортот туки и кај сите други значајни сегменти од општественото живеење. Ова спонзорство е уште едно продолжување на партнерството со црвено-црните кои од оваа година се со добро познатиот старо-нов сопственик г. Михајло Михајловски под новото име РК Вардар 1961. Длабоко и искрено веруваме дека ова пријателство ќе премине во традиција“, велат од Банката.

За време на заостанатиот четвртфинален натпревар против екипата на РК Нексе од Нашице, Хрватска од СЕХА Газпром лигата од претходната сезона, кој се одржа на 29.08.2020 година во СЦ Јане Сандански, на дресовите на ракометните шампиони можевме да го забележиме и новиот дрес на кој е истакнато логото на НЛБ Банка. И во услови на пандемија и отежнати и ограничени протоколи за игра насмевката и ентузијазмот кај екипата беше забележителна.

РК Вардар 1961 за периодот кој следи се подготвуваат за завршниот турнир во СЕХА Газпром лигата кој ќе се одржи во Задар, Хрватска од 4 до 6 септември, 2020 година и за почеток на новата сезона во ЕХФ Лигата на шампионите. Им посакуваме многу среќа и успех!