НЛБ банка ја прераспредели добивката, акцијата падна 10 отсто


Фото: Б. Грданоски

НЛБ банка денес објави дека ќе ја прераспредели нето добивката за 2019 година и на тој начин прва меѓу банките реагираше на укажувањето на Народната банка на Македонија банките да се откажат од делење дивиденда поради корона – кризата. Според новиот предлог до акционерите, добивката во износ од 1.849.917.998 денари (околу 30 милиони евра), да се распредели како нераспределена добивка во износ од 1.672.270.392 денари (околу 27,1 милиони евра) и другиот дел како задржана заработувачка за инвестиции во износ (177.647.606 денари или околу 2,8 милиони евра).

Во соопштението до Македонската берза се наведува дека предлог-одлуката е резултат на неочекуваната ситуација со пандемијата Ковид-19 и врз основа на писмото од Народната банка во кое се очекува банките во земјава да се воздржат од исплата на дивиденда од реализираната добивка за 2019, со цел да го надградат капиталот и ликвидните резерви над минимално потребниот праг.

„На овој начин остварената добивка за 2019 ќе биде на тековно располагање на Банката за ликвидносни цели, како и на располагање на Собранието на акционери за понатамошно одлучување во однос на начинот на постапување со нераспределената добивка понатаму, кога Банката ќе има повеќе информации за да направи квалитетна проценка на развојот на економската и финансиската ситуација и нејзиното влијание врз капиталот на Банката и позицијата на ликвидност“, се вели во соопштенкието од НЛБ банка.

Исто така дека добивката која е распределена во задржана заработувачка за инвестиции се употребува за цели на развој и инвестиции во материјални и нематеријално средства за проширување на примарниот бизнис и не е достапна за плаќање на дивиденда на акционерите во иднина.

Претходно, во најавата за претстојното собрание на Банката, НЛБ соопшти дека ќе подели бруто-дивиденда по акција во износ од 1.980 денари.

Инаку, акциите на НЛБ банка денес изгубија 10 отсто од вредноста во тргувањето на Македонската берза, следејќи го општиот тренд во кој берзанскиот индекс МБИ 10 падна за нешто над 5 проценти.

Ова доаѓа и по објавување на Уредбата на Владата со која им се овозможува на компаниите да го одложат одржувањето на акционерските собранија додека е во сила вонредната состојба.

Со владината Уредба се овозможува да се пролонгираат роковите за свикување и одржување годишно собрание на акционери, како и собир на содружници, од страна на трговските друштва, за време на траењето на вонредната состојба. Пролонгирањето на роковите се однесува и на започнатите постапки за свикување и одржување годишно собрание на акционери, односно собирот на содружници, соопшти Владата.

Дел од компаниите веќе имаа најавено одржување на акционерски собранија за наредниот период, но сега откако имаат и законска можност, се очекува да ги одложат за по смирување на корона-кризата и тогаш да ги усвојуваат годишните сметки и финансиските извештаи. Многу е веројатно дел од нив да ги променат одлуките за распределба на добивката. Вчера прв од компаниите реагираше „Тетекс“, кој преку Берзата соопшти дека неговите акционери ќе добијат двојно помала дивиденда од првично предвидената, односно од 29.912.672 денари таа се намалува на 15.186.408 денари, а износот на нераспределената добивка се зголемува од 765.445 денари на 15.491.709 денари. (М.Ј.)