Њујоршки „Метрополитен“ доби донација од 125 милиони долари


САД– Музејот на уметност „Метрополитен“ во Њујорк вчера објави дека ја добил најголемата финансиска донација во својата историја од 125 милиони долари, што треба да му овозможи на управата на музејот да го заврши почнатиот процес на реставрација. Дарувањето дојде од Оскар Танг и неговата сопруга Агнес Хсу-Танг, американски државјани со кинеско потекло.

Оскар Танг пристигнал во САД во 1948 година како бегалец од Кина, кога имал само 11 години. Во соопштението се вели дека парите ќе бидат наменети за реновирањето на просториите посветени на современата уметност. Новите простории ќе го носат името на брачниот пар Танг.

– Благодарение на исклучителниот дар, Оскар и Агнес овозможија „Мет“ (Метрополитен) да ја исполни својата амбициозна мисија за генерациите што доаѓаат, изјави Даниел Вајс, претседател на славниот музеј на Менхетен.

Оскар Танг има 83 години, а според биографските податоци, тој е археолог и историчар на уметност и е потомок на династијата Минг. Роден е во Шангај, Кина, но неговото семејство побегнало од Кина во Хонг Конг, па САД, при комунистичката револуција во 1948 година. Бил културен советник на поранешниот американски претседател Барак Обама и претставник на УНЕСКО.

Танг е првиот Американец со кинеско потекло кој влегол во управата на музејот, на којшто му дарува пари веќе 30 години. А, финансирал и индивидуални изложби, набавки на уметнички дела и претходни реновирања.