Њујорк воведе задолжителен карантин за осум сојузни држави


Сојузните американски држави Њујорк, Њу Џерси и Конектикат, воведоа двонеделна самоизолација за сите што доаѓаат од Алабама, Арканзас, Аризона, Флорида, Северна Каролина, Јужна Каролина, Тексас и Јута, изјави пред новинарите Ендру Куомо, гувернерот на Њујорк.

Ваквата мерка е донесена поради зголемениот број на заболени од коронавирус во овие земји.

Куомо додаде дека оние што ќе го прекршат карантинот ќе се соочат со казна од 1.000 или 5.000 американски долари во случај на повторено кршење на мерките за изолација.

Универзитетот во Вашингтон процени дека до октомври ќе има 180.000 жртви од Ковид-19 во САД, или 146.000 ако 95% од Американците носат заштитни маски.

Водечкиот стручњак за инфективни болести во САД, Ентони Фаучи, им рече на законодавците дека има вознемирувачко зголемување на бројот на заболени и зголемено ширење на вирусот во заедниците во многу јужни и западни држави.

САД во последните 24 часа регистрирале 34.516 нови случаи на Ковид-19 и 751 смртен случај. Вкупно заболеле повеќе од 2,3 милиони луѓе, а бројот на починати е  повеќе од 121.000.