Њујорк Тајмс: Во САД се уште има недостиг на тестови

САД – Со зголемувањето на бројот на случаи на Ковид-19 во САД, се покажа дека капацитетите за тестирање на коронавирусот во земјата сè уште не се доволни.

Според Њујорк Тајмс, во некои американски градови вчера на тестирање се чекало со часови, а во Њу Орлеанс, каде што уште во зори се формирале редови, вратите на надлежната служба биле затворени пет минути по отворањето во осум часот наутро, поради недоволен број тестови, по што многу луѓе се вратиле дома.

Во Сан Антонио и другите големи градови каде што расте бројот на случаи на Ковид-19, поради голема заинтересираност на населението, властите ги ограничија капацитетите за тестирање на оние со симптоми, што е враќање на критериумите што важеа во многу делови на САД во раната фаза на епидемијата, кога достапноста на тестовите беше голем проблем.

Од тогаш, САД значително го зголемија својот капацитет за тестирање, така што, на пример, во јуни се извршени речиси 15 милиони тестови, што е околу три пати повеќе отколку во април.

Сепак, поради големото зголемување на бројот на случаи на коронавирус во некои американски држави, бројот на барања за тестирање во последните неколку недели ги надмина достигнатите капацитети.

Според надлежните, ова се должи на комбинација на следните фактори: недостиг на одредени материјали, доцнења во лабораториската обработка на примероците од тестирањата и, секако, наглото зголемување на бројот на случаи, кои во моментов во САД изнесуваат речиси три милиони.

И покрај најавите на властите дека капацитетите за тестирање ќе бидат зголемени, САД не успеаја да бидат во чекор со државите кои веќе спроведоа агресивни програми за тестирање, особено некои азиски држави.

На пример, кинеските власти за само неколку дена во мај тестирале 6,5 милиони луѓе во Вухан, потсетува Њујорк Тајмс.