„Њујорк Тајмс“: Трамп бил разубеден од идејата да го нападне Иран

На состанокот на 12 ноември, американскиот претседател Доналд Трамп беше одвратен од напад на подземна фабрика за збогатување ураниум во иранскиот град Натанц, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на четири извори меѓу сегашни и поранешни функционери.

Според нив, Трамп на состанокот во Белата куќа минатиот четврток бил заинтересиран за тоа какви можности има за конкретно дејствување во врска со тој ирански нуклеарен објект во наредните недели. Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, државниот секретар Мајк Помпео, вршителот на должноста министер за одбрана Кристофер Милер, претседател на комитетот на началниците на генералштабовите, генерал Марк Мили и други го одвратија шефот на државата од употреба на сила.

Според нив, нападот врз погонот во Натанц може лесно да се претвори во голем судир на Блискиот исток за неколку недели, што по резултатите од општите избори во САД може да биде последен во работата на републиканската администрација.

Според изданието, било посочено дека нападот може да е или ракетен или кибер напад. Официјални претставници кои присуствуваа на состанокот ја напуштиле Белата куќа убедени дека веќе нема да стане збор за употреба на американска воена сила против Иран. Републиканската администрација не одговори на барањето на весникот за коментар во однос на овој случај..

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) заклучи во доверлив извештај дека Техеран продолжува да го зголемува обемот на нискозбогатен ураниум над нивото утврдено во Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) за иранската нуклеарна програма Во извештајот се вели и дека Иран ја инсталирал првата каскада со надградени центрифуги во подземната фабрика во Натанц, но сè уште не ги наполнил со ураниум. Во септември 2020 година, Иран објави дека по пожарот во нуклеарниот објект Натанц, било решено да се започне со создавање на нова фабрика за производство на центрифуги за збогатување ураниум.

JCPOA беше потпишан од Иран, постојаните членки на Советот за безбедност на ООН (Русија, Велика Британија, Кина, САД, Франција) и Германија во 2015 година. Договорот го ограничи нуклеарниот развој на Техеран во замена за укинување на санкциите на ООН и едностраните ограничувачки мерки од САД и ЕУ. Иран се обврза 15 години да не збогатува ураниум на повеќе од 3,67 отсто и да одржува резерви на збогатен ураниум на ниво што не надминува 300 кг, како и да не гради дополнителни реактори со тешка вода, да не акумулира тешка вода и да не развива нуклеарна експлозивна направа. Во 2018 година, САД објавија повлекување од JCPOA и воведоа економски санкции за Иран.