„Њујорк тајмс“: Руски агенти стојат зад писмата-бомби во Шпанија
Припадници на руското воено разузнавање поттикнале соработници на екстремно десничарска организација со седиште во Русија, неодамна да испратат серија писма до Шпанија, чии најистакнати цели се премиерот, министерот за одбрана, други функционери и странски дипломати. До овој заклучок дошле американски и европски претставници, според откритијата на „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори во американската влада.
Шпанските и странските истражители истражуваат кој испратил шест писма-бомби кон крајот на ноември и почетокот на декември до локации претежно во Мадрид, вклучително и официјалната резиденција на премиерот Педро Санчез, која работи како негова канцеларија, амбасадите на САД и Украина и Министерството за одбрана. Никој не е убиен во нападите, кои американските власти ги третираат како тероризам. Во експлозијата на еден од пакетите е повреден само еден вработен во украинската амбасада.
Во последниве недели, истражителите се фокусираа на Руското империјално движење, радикална група која има членови и симпатизери низ Европа и центри за обука во воен стил во Санкт Петербург, рекоа официјални лица. Тие додаваат дека се верува оти групата, означена од Стејт департментот како глобална терористичка организација, има врски со руското разузнавање. Важни членови на организацијата биле лоцирани во Шпанија, а тамошната полиција ги следела нивните врски со екстремно десничарските шпански организации.
Очигледната цел на операцијата беше да се покаже дека Русија и нејзините полномошници се способни да вршат терористички напади низ Европа, вклучително и во главните градови на земјите-членки на НАТО кои помагаат во одбраната на Украина од руска инвазија, изјавија американски официјални лица, кои сакаа да останат анонимни поради чувствителноста на истрагата.
Како членка на алијансата, Шпанија обезбеди воена и хуманитарна помош за Украина, како и дипломатска поддршка. Едно од писмата-бомби беше испратено до „Инсталаза“, компанија за оружје во Сарагоса која произведува фрлачи на гранати што Шпанија ѝ ги испорачува на Украина, а друга отиде во воздухопловната база Торехон де Ардот надвор од Мадрид.
Шпанските иследници идентификуваа „лица од интерес“ за кои веруваат дека се вклучени во нападите, изјави висок американски функционер.