„Њујорк тајмс“: Приведен руски доктор поради сомневање во официјалниот податок за заболените од корона вирус


Руските власти ја уапсија претседателката на независниот синдикат на лекарите, Анастасија Василиева.

Таа го критикувала малиот официјален број на заразени со корона вирусот во таа земја како лажен податок.

Според нејзината колешка, која била со неа кога се случило приведувањето, полицијата ја пресретнала додека патувала во друг град за да однесе заштитна опрема во локална болница, објави „Њујорк тајмс“.

Василиева е изведена пред суд во петокот, обвинета за непочитување на полициски налог и за кршење на ограничувањата на движењето. Таа е ослободена во петокот вечерта, откако ѝ е наредено да плати казна.

Во многу руски региони оваа недела има наредба за жителите да не ги напуштаат своите домови, освен ако имаат потреба да купат храна и лекови или шетаат кучиња во близина на нивните домови.

Василиева е специјалист офталмолог, веќе позната како остар критичар на Кремљ,а  сега ја критикувала и реакцијата на државата за пандемијата. Таа, исто така, тврди дека бројот на заразени лица е многу поголем од објавениот.

Таа кон крајот на март прокоментирала дека пациентите биле класифицирани и дека голем број случаи биле заведени како обична пневмонија, иако станува збор за корона вирус. Поради ова, и претходно  веќе била однесена на сослушување.

„Можете да испратите кого сакате да ме испрашува: Федералната служба за безбедност, противпожарната служба, но вистината нема да се промени. Вистинскиот број случаи е далеку поголем отколку што велат надлежните“, тврди таа во едно од своите видеа, иако не нуди докази за прикривањето.

Нејзиното приведување го разгоре огнот на скептицизам што веќе постои, според официјалните податоци кои ги објавуваат од Кремљ во врска со корона вирусот и подготвеноста на рускиот здравствен систем да одговори на ширењето на инфекцијата, пишува „Њујорк тајмс“.

Вирусот во Русија дополнително ја забави економијата и ги одложи измените на Уставот што ќе му овозможат на Путин да остане на власт до 2036 година.