„Њујорк Тајмс“: Посетата на папата ја враќа Северна Македонија на мапата


Американски весник „Њујорк тајмс“ објави сторија за посетата на Папата Франциск на земјава со наслов „Посетата на папата ја враќа Северна Македонија на мапата.“

„Северна Македонија во вторникот доби уште еден сигнал дека речиси три децениската изолација се доближува до својот крај. Папата Францск порача дека Северна Македонија е мост меѓу Истокот и Западот, рече дека нејзината историја на диверзитет добро ќе ѝ служи во нејзините односи со Европа. Тој, исто така, изрази надеж дека интеграциите ќе се одвиваат на начин кој ќе биде од бенефит за целиот Западен Балкан“, пишува во статијата по повод посетата на поглаварот на Римокатоличката црква.

Написот се фокусира на историјата на Македонија, на спорот со Грција и на Договорот од Преспа, кој ги стабилизира односите меѓу двете земји.

Текстот се осврнува и на говорот на претседателот во заминување, Ѓорге Иванов.

„Но не сите го делеа ентузијазмот на папата за развојот на настаните во оваа држава. Претседателот Иванов, кој ја претставува конзервативната партија, за која Договорот од Преспа е предавство, му рече на папата дека доаѓа во време на големи поделби во земјата, која ја ословуваше со името Република Македонија“, забележува Њујорк Тајмс за тоа што Иванов одби на крајот од својот мандат да го употреби новото име на државата.