„Њујорк тајмс“: Пленковиќ се коцкаше со изборите и триумфира

Резултатите му даваат широк маневарски простор на Андерј Пленковиќ за формирање на новата влада

Гласачите се одлучија за стабилност среде длабока здравствена и економска криза, па довербата ѝ ја дадоа на досегашната влада, пишува американскиот весник

 

Американскиот весник „Њујорк тајмс“ пишува дека „коцкањето“ на премиерот Андреј Пленковиќ со предвремените парламентарни избори се исплатело и дека Хрватската демократска заедница (ХДЗ) го постигнала најдобриот резултат во последните 10 години на изборите одржани во недела на 5 јули, освојувајќи 66 места, 25 повеќе од најблискиот конкурент, коалицијата „Рестарт“.

„Њујорк тајмс“ констатира дека ХДЗ на Пленковиќ не освои апсолутно мнозинство во парламентот, но дека ги надмина очекувањата од предизборните анкети и дека го зголеми бројот на места во парламентот што ги имаше кога Пленковиќ го распушти.

„Во мај, во екот на пандемијата на корона вирусот, Пленковиќ побара да да се излезе на гласање. Неговата влада тогаш уживаше поддршка за управување со кризата со корона, а ХДЗ уживаше во водството во предизборните анкети. Но таа одлука неколку дена пред самото гласање почна да изгледа многу рискантна. Бројот на заразени со корона вирус повторно почна да расте, а анкетите покажаа дека ХДЗ и коалицијата ‘Рестарт’ се изедначени“.

И покрај ова, ХДЗ на Пленковиќ постигна еден од најдобрите резултати во историјата на партијата. „Коцкањето се исплатеше“, вели за „Њујорк тајмс“ Карло Јурак, политички аналитичар и научник на Универзитетот во Загреб.

Цитирајќи аналитичарите, „Њујорк тајмс“ вели дека Пленковиќ лесно може да формира коалициска влада заради резултатите од изборите со помалите партии од центарот и претставниците на националните малцинства. Поради споменатиот резултат, Пленковиќ ќе биде помалку зависен од новиот политички актер во Хрватска, „екстремно десничарското“ Татковинско двиѓење предводено од пејачот Мирослав Шкоро.

„Гласачите се одлучија за стабилност среде длабока здравствена и економска криза“, рече Дејан Јовиќ, политички научник на Универзитетот во Загреб. „Гласачите изгледа дека ги гледаат тешкотиите што претстојат и сакаат да бидат водени од централно-десничарската влада“.

„Њујорк тајмс“пишува дека четирите години власт на Пленковиќ биле обележани со скандали. „Девет министри ја напуштија владата под сомнение за корупција“, пишува весникот. „Пленковиќ успешно го привлече вниманието на гласачите кон хрватскиот одговор на пандемијата на корона вирус, кој во еден момент беше еден од најстрогитево светот“.

Меѓутоа, како што напредуваше кампањата и се отстрануваа ограничувањата, се чинеше дека стратегијата на Пленковиќ ќе му се удри од глава. „Њујорк тајмс“наведува дека бројот на заразени со корона вирусот во Хрватска две недели пред изборите бил поголем од 50 и дека ваквите бројки последен пат биле видени во април.

Весникот пишува дека ривалите на Пленковиќ, како и некои сојузници, побарале изборите да бидат одложени. Беше спомената и забраната за гласање на позитивните од корона вирус издадена од Државната изборна комисија, која подоцна беше укината од Уставниот суд. Според „Њујорк тајмс“, Пленковиќ е обвинет и за лицемерие затоа што го поддржал тенискиот турнир во Задар во организација на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.

„Турнирот требаше да го стимулира интересот за хрватскиот туризам, клучна индустрија, но тој заврши во срам, и за Ѓоковиќ и за Пленковиќ. Посетителите на турнирот не мораше да носат заштитни маски, а неколку учесници на турнирот беа заразени со корона вирус. Ѓjоковиќ беше меѓу заразените. Пленковиќ тогаш се најде под напад затоа што одби да замине во самоизолација, откако беше откриено дека го поздравил Ѓоковиќ со удар од тупаница до тупаница“, пишува „Њујорк тајмс“.

„Кога експертите од Националниот штаб за цивилна заштита го бранеа Пленковиќ, тие беа обвинети за политизација на јавното здравство“, вели весникот. „Оваа одлука создаде двоен стандард“, рече Јурак.

„Сепак, неделата покажа дека неговата база не го напушти Пленковиќ. Тој погоди совршено кога е време да излезе на гласање“, додаде Јурак.