„Њујорк тајмс“: Голем број хаубици од западни држави надвор од употреба во Украина


 

Украинските вооружени сили истрелуваат илјадници артилериски гранати врз руски цели секој ден од технолошки напредни хаубици доставени до Киев од САД и нивните сојузници, но поради прекумерната употреба на бојното поле, третина од нив не се во функција, потврдуваат американски и украински официјални лица.

Третина од околу 350 хаубици од западно производство, донирани на Киев, се надвор од употреба во секој момент, според американските воени претставници, објави Њујорк Тајмс.

Војниците на бојното поле не можат да ги заменат истрошените артилериски цевки кои можат да бидат долги повеќе од шест метри и да тежат илјадници килограми, поради што Европската команда на Пентагон приоритетно оспособи објект за поправка во Полска.

Сепак, украинските власти би сакале локациите за одржување на артилериското оружје да бидат поблиску за да можат што поскоро да ги вратат на фронтот, во активни борбени операции, потврдиле за „Њујорк тајмс“ американски претставници запознати со тоа прашање.