Њујорк одобри компостирање на посмртните останки на починатите


 

Њујорк им се приклучи на американските сојузни држави кои дозволуваат т.н човечко компостирање, јави Би-Би-Си во неделата.

Луѓето во Њујорк сега можат да се подложат на процес познат како „природна органска редукција“ по смртта, што се смета за еколошка алтернатива на традиционалното погребување во ковчег или кремирање.

Ваква постапка за прв пат беше дозволена во 2019 година во државата Вашингтон. Следеа Колорадо, Орегон, Вермонт и Калифорнија.

Демократската гувернерка на државата Њујорк Кети Хочул одобри компостирање на човечки останки во саботата.

Постапката трае околу еден месец, по што семејството на починатиот добива дезинфициран компост кој може да се користи за одгледување цвеќиња, зеленчук или дрвја.

Американската компанија Recompose соопшти дека ова може да заштеди еден тон јаглерод во споредба со кремирањето или традиционалното закопување во ковчег.

Предлагачите на постапката посочуваат дека компостирањето, освен што е подобро за животната средина, е попрактично и во градовите каде земјиштето за гробишта е ограничено.

Одобрувањето на Њујорк „е голем чекор за прифатлива зелена смрт на национално ниво“, изјави за New York Post компанијата Return Home со седиште во Вашингтон.

Но, некои веруваат дека употребата на таков компост е етички сомнителна.

Католичките бискупи во државата Њујорк, наводно, се спротивставиле на законот, тврдејќи дека човечките тела не треба да се третираат како домашен отпад.

Некои посочуваат на цената на постапката. Но, компанијата Recompose со седиште во Сиетл, една од првите во светот што го спроведува тоа, рече дека цената од 7.000 долари приближно одговара на трошоците за традиционален погреб или кремирање.

Просечната цена на класичен погреб во ковчег во САД во 2021 година беше 7.848 долари, а кремирањето беше 6.971 долари.

Човечкото компостирање е веќе легално во Шведска. Во Обединетото Кралство, природните погребувања се дозволени без ковчег или во биоразградлив ковчег.