Њујорчани за кирии должат повеќе од милијарда долари


Жителите на Њујорк должат повеќе од милијарда долари за неплатени кирији поради задоцнети плаќања и рецесијата предизвикана од пандемијата на корона вирусот, пишува „Волстрит журнал“.

Висината на долгот е најновиот показател дека надоместоците за невработеност и федералните стимулативни пакети досега не биле адекватни за ублажување на зголемениот финансиски товар од задоцнетите кирии за илјадници домаќинства во Њујорк.

Сопствениците и станарите јавно лобираа за поголема помош од владата за време на пандемијата.

На државата Њујорк минатиот месец ѝ беа предвидени 1,3 милијарди долари помош за домување како дел од пакетот за КОВИД-19.

Истражувањето спроведено од трговската група „Програма за подобрување на домувањето во заедницата“ се фокусираше на зградите што подлежат на законите за изнајмување на градот. Апартманите во такви згради сочинуваат околу половина од вкупните станови за изнајмување во Њујорк, пренесува Новаекономија.рс.

Собирајќи одговори од сопствениците на становите, групата процени дека дури 185.000 домаќинства што живеат во овие станови доцнат со плаќањето на кириите повеќе од два месеци, со просечен долг од над 6.000 американски долари.

Џеј Мартин, извршниот директор на групата, вели дека долгот за изнајмување на другите станови во Њујорк е веројатно ист или поголем, што значи дека вкупниот долг што го имаат изнајмувачите во Њујорк е веројатно поголем од две милијарди долари.