Низа скандали во лондонската полиција: „Потребна е темелна промена“


Полициските сили на Лондон дозволија да се развие сексистичко, расистичко и хомофобично однесување во нивните редови, се предупредува во вторникот во новиот независен извештај, во кој се повикува на „севкупна реформа“ на силите на редот, кои се во криза по серијата скандали.

„Полицијата не ги заштити своите службеници и членовите на општеството од полицајци кои биле домашни насилници и од оние кои ја користеле својата положба за сексуални цели“, се вели во извештајот на 363 страници објавен во вторникот, кој исто така предупредува на малтретирање на полицајците припадници на малцинските групи.

Извештајот е направен по убиството на Сара Еверард, 33-годишна лондончанка која беше силувана и убиена од полицаецот Вејн Кузенс, кој ја уапси под лажни изговори во 2021 година. Ова убиство ги шокираше Британците.

Истрагата беше строга, немилосрдна и непристрасна

Метрополитен полицијата – најголемата полиција во земјата со повеќе од 43.000 службеници и други вработени – беше вмешана во серија скандали и родово базирано насилство во последниве години, што поттикна сериозна криза на довербата од страна на јавноста.

Авторот на извештајот Луиз Кејси, која повикува на „фундаментални промени“, вели дека истрагата била „ригорозна, немилосрдна и непристрасна“. Според неа, насилството врз жените и девојчињата „не се сфаќало сериозно во однос на расположливите ресурси и приоритети“.

По случајот Еверард, имаше и други скандали и извештаи кои предупредуваа на расизам и сексизам во лондонската полиција. Шефот Кресида Дик поднесе оставка под притисок на почетокот на 2022 година. Кризата на доверба се влоши кога Дејвид Керик, 48-годишен полицаец, се изјасни за виновен во јануари по 24 точки од обвинението за силување и повеќекратни сексуални напади врз дванаесет жени меѓу 2003 и 2020 година.

Доказите се несоборливи

Тој ги тероризирал жртвите криејќи се зад полициската значка. Кејси, исто така, истакнува дека жените кои работат во полиција се „жртви на сексизам на дневна основа“ и дека „хомофобијата е цврсто вкоренета“ во лондонската полиција.

„Ја прифаќам нејзината констатација за расизам, мизогинија и хомофобија во полициските сили и системски, менаџерски и културни пропусти“, одговори началникот на лондонската полиција Марк Роули, нудејќи уште едно извинување.

„Доказите се огромни“, рече градоначалникот Садик Кан. Луиз Кејси, која имаше неколку високи позиции во Министерството за внатрешни работи, го поднесе првиот извештај во октомври, во кој веќе предупреди дека лондонската полиција замижува пред расизмот и сексизмот меѓу нејзините службеници.