Низ Скопје ќе возат „мерцедес“ или МАН еко-автобуси



За осум месеци низ улиците на Скопје ќе возат четириесетина еколошки автобуси на произведувачите „Мерцедес“ или МАН.
„На 5 јули се отвора тендерот и ќе го добиеме најдобриот понудувач за еко-автобусите. Моите очекувања се дека, од информациите што ги имама од ЕБРД, има два потенцијални добавувачи кои се квалификувани, а тоа се „Мерцедес“ и МАН. Нема да дозволиме импровизација во Скопје. Во рок од осум месеци очекувам дека тие ќе бидат на нашите улици“, рече денеска градоначалникот на Скопје на прес-конференција при почетокот на реконструкцијата на улицата „Московска“ во Карпош.
Новите автобуси, според пресметките на Шилегов, треба да се пуштат во сообраќај во февруари 2020 година, а од ЈСП пред извесно време, најавија дека очекуваат автобусите да почнат да сообраќаат во април 2020 година. Допрва ќе се одлучи на кои релации ќе сообраќаат новите еко-автобуси.
Договорот за користење заем од ЕБОР во висина од 10 милиони евра беше потпишат во јануари. Со тие пари плус со 1,8 милиони евра од сопствено учество на ЈСП треба да се набават околу 35-те нископодни (зглобни и моно автобуси).
„Под услов тендерот да биде успешен во првиот обид, очекувано е новите автобуси да се пуштат во сообраќај во април 2020 година. Допрва ќе се одлучи на кои релации ќе сообраќаат новите еко-автобуси“, соопштија пред извесно време од ЈСП.
Еко-автобусите имаат повеќе предности. Тие ќе овозможат побрз и пофункционален јавен превоз, а значително ќе се придонесе и за подобрување на квалитетот на воздухот.