Нивото на водата на Рајна е под критичното ниво, пловидбата е загрозена


 

Нивото на водата на Рајна кај Кауб во Германија, која е референтна точка за проценка на пловидбата, во петокот падна под 40 сантиметри, што се смета за минимум за голем дел од речниот транспорт.

Можноста за делумно прекинување на пловидбата по таа река е нова причина за загриженост за германската индустрија, веќе погодена од гасната криза и растот на цените на енергијата поради војната во Украина.

На мерното место лоцирано на околу 30 километри јужно од Кобленц, на почетокот на вечерта беше измерен водостој од 38 сантиметри, а се очекува до понеделник да продолжи да паѓа до 35 сантиметри, според податоците и очекувањата на сојузните власти за водни патишта. 

Ако падне под 40 сантиметри, „нашите бродови веќе нема да можат да пловат без опасност и од безбедносни причини ќе мораме во голема мера да ја запреме пловидбата по Горна и Средна Рајна“, предупреди во петокот транспортната компанија Контарго, додавајќи дека наскоро не се очекува подобрување. 

Рајна стана поважна во последниве месеци бидејќи Германија се обидува повеќе да се префрли на јаглен за да ја намали својата зависност од рускиот гас.

За време на сушата во 2018 година, нивото на водата на Рајна кај Кауб во октомври падна на 25 сантиметри, што го чинеше германскиот БДП таа година 0,2 отсто, според Deutsche Bank Research.