Нивес Тигањ е новоименуваната амбасадорка на Хрватска во Македонија


Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров денес ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваната вонредна и ополномоштена амбасадорка на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Н.Е. г-ѓа Нивес Тигањ.

Двајцата соговорници разменија мислења за европската перспектива на Северна Македонија и земјите од регионот, во контекст на претстојното претседавање на Хрватска со Советот на Европската Унија од јануари 2020 година. Во таа насока, министерот Димитров изрази благодарност за конзистентната поддршка на нашите европски перспективи. МНР Димитров изрази очекување за валоризирање на сработеното со што ќе се овозможат предуслови за конкретен исчекор на европската агенда.

На средбата беше изразено заемно задоволство од односите меѓу двете пријателски земји, оценети како одлични и без отворени прашања. Исто така беа разменети мислења за натамошно унапредување на секторската соработка, интензивирање на трговската размена и додавање нов квалитет на соработката во образованието, културата, земјоделството итн.

На амбасадорката Тигањ, МНР Димитров и’ посака срдечно добредојде и желби за успешно извршување на новата дипломатска мисија во Северна Македонија.