Ниту се разговарало ниту ќе се разговара за промена на химната, велат од ВМРО-ДПМНЕ
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2020/03/vmro-dpmne-zgrada-11.jpg)
Ниту се разговарало ниту во иднина ќе се разговара за промена на химната – велат од ВМРО-ДПМНЕ откако опозицискиот СДСМ вчера праша дали, покрај промената на државниот грб, коалициските партнери во власта разговараат и за менување на националната химна. Граѓаните може да бидат спокојни, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат:
„ДУИ матрицата на етнизирање на сите важни прашања и СДС пинг-понг политиката треба да престанат. Ниту некогаш било разговарано за промена на химната ниту, пак, во иднина ќе се разговара. Времето на ДУИ и СДС на губење и порази на сите теми со цел да се затскрие криминалот помина.“
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера ја повика владејачката партија да одговори дали со коалициските партнери во власта, освен за промена на државниот грб, го отвориле и прашањето за измена на химната.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити вчера изјави дека нема договор за промена на државниот грб, но оти никој не може да го оспори фактот дека грбот и националната химна потекнуваат од, како што рече, комунистичко време и не ја одразуваат реалноста онака како што треба. Претходно вчера и градоначалникот на Тетово, Билал Касами, кој е дел „Вреди“, рече дека како коалиција се подготвени да разговараат за пакет уставни измени, кои освен грбот ќе вклучат и промена на химната, како и формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните“.
Од СДСМ денес возвратија со став.
„Владата на Мицкоски преку министерот за здравство, Арбер Таравари, кои повеќе наликува дека е министер без ресор, не информираше денес дека за неа поголем приоритет е решавањето на наводно отворените прашања за химната и грбот, а дури потоа фокусирање на проблемите како економијата, платите и здравството.
Оваа шокантна изјава на министерот Таравари, кој се занимава со сè освен со здравството, за што е задолжен, потврдува дека Владата целосно се има откажано од она што навистина им е приоритет на граѓаните. Наместо решенија за реалните проблеми, Владата ќе го замајува народот со теми од минатото за да го одвлече вниманието од болната сегашност.
А реалноста е дека за само осум месеци, Владата ја втурна државата во економска криза и сега ѝ требаат овие теми за да ја дефокусира јавноста.
По овие најави, повеќе од јасно е дека граѓаните ќе бидат „хранети“ со теми за поделба на јавноста, додека државата тоне во сиромаштија, а животниот стандард пропаѓа. На ова СДСМ предупредуваше со месеци во кампањата – од ВМРО-ДПМНЕ не може да се очекува ништо друго“, порачаа од СДСМ.