„Ниту еден сантиметар назад“: Бугарија отфрла посредништво на ЕУ во спорот со Македонија
Парламентот во Софија усвои резолуција со која цврсто застана зад европскиот компромис од 2022 и бара Македонија да го имплементира акцискиот план за заштита на малцинствата

Бугарскиот парламент ја потврди својата позиција за Северна Македонија и ги прогласи за неприфатливи „сите обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од постигнатите договори“.
Пратениците едногласно со 194 гласа „за“ ја поддржаа резолуцијата за напредокот кон ЕУ на Македонија, во која бараат властите во Скопје да презентираат и акциски план за заштита на правата малцинствата, меѓу кои и на македонските Бугари. Неговата имплементација ќе биде клучна за однесувањето на Бугарија во процесот на движење на Македонија кон ЕУ.
Во резолуцијата, поднесена од Тошко Јорданов (ИТН) и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Македонија да ги спроведуваат договорите што ги прифатија.
Во документот се нагласува дека се неприфатливи какви било обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од веќе постигнатите договори.
Властите во Македонија во моментов одбиваат да го исполнат главниот услов за започнување вистински преговори за членство во ЕУ – вклучувањето на Бугарите во уставот. Овој услов е вклучен во преговарачката рамка на Северна Македонија, за која премиерот Христијан Мицкоски верува дека може повторно да преговара.
Иницијална каписла за оваа резолуција беа наводите на македоската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова дека Австрија за време на посетата на министерката за надворешни работи на Скопје, се понудила да посредува во спорот, но Бугарија веднаш објави дека не сака такви преговори.
Сега, бугарските пратеници истакнаа дека „европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за ЕУ, од една страна, и ЕУ како целина, од друга страна, и затоа не претставува билатерално прашање“.
„Националното собрание ги повикува институциите на ЕУ да продолжат со своите напори за гарантирање на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство, јазик, сеќавање на предците и идентитет, и да усвојат инклузивен пристап кон чувствителните прашања на националниот идентитет во мултиетничкото општество на Република Северна Македонија“, се наведува во одлуката на парламентот.
Пратениците, исто така, ги повикуваат меѓународните организации строго да го почитуваат спроведувањето на „највисоките стандарди во областа на заштитата на човековите права во Република Северна Македонија, да реагираат и да преземат соодветни мерки во случаи на насилство, дискриминација, говор на омраза, институционален притисок или други форми на репресија врз Бугарите или претставниците на другите заедници во Република Северна Македонија“.
„Европскиот воздржан дипломатски тон и однесување на Бугарија, во апсолутен контрапункт на понекогаш многу хистеричното однесување на другите земји, не треба да се мешаат со недостаток на активност. Бугарија ќе продолжи да се придржува до договорот од 2022 година. Нема да се повлечеме ниту еден сантиметар од него“, рече министерот за надворешни работи Георг Георгиев.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, коментираше дека оваа декларација уште еднаш потсетува дека фундаменталниот документ е Договорот за добрососедство од 2017 година.
Секакви провокации што се прават не се во ничиј интерес, додаде Борисов.
Претседателот на Продолжуваме со промените, Кирил Петков, од своја страна коментираше дека сите сега разбрале оти „единствениот начин да се заштитат интересите на Бугарите во Република Северна Македонија е кога бугарската позиција е европска“.
Во причините за одлуката се наведува дека Европскиот парламент е пред усвојување на резолуции за извештаите на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидатки за членство во ЕУ.