Секој кој е добронамерен е добредојден во „Св. Спас“, вели Ковачевски

Премиерот апелираше сите да бидеме обединети, сите треба да бидеме горди и сите заедно да покажеме достојна почит на великанот


 
 

Тој посочи дека согласно со заклучоците од Советот за безбедност кај претседателот на државата и согласно со одлуките на Владата, МВР е задолжено да обезбеди мирно и достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на, како што рече, најголемиот борец за независна македонска држава – Гоце Делчев.

– Согласно со закон и согласно со процедурите во МВР, министерот за внатрешни работи веќе во неколку наврати информираше дека МВР ќе ги преземе сите потребни мерки со цел овој настан да помине достоинствено и во најмирна атмосфера. Тоа значи дека ќе бидат спроведени сите процедури коишто се согласно закон и согласно процедурите во МВР да оние коишто ќе положат цвеќе преку своите пријавени делегации тоа да можат да го направат на најдостоинствен начин – истакна премиерот.

Премиерот апелираше сите да бидеме обединети, сите треба да бидеме горди и сите заедно да покажеме достојна почит на великанот на македонската револуционерна борба додавајќи дека  „МВР и Владата тоа ќе го овозможат“.

– Исто така, сакам да апелирам сите оние здруженија, патриотски итн. коишто сакаат овој настан да го искористат за провокации, исто како што во минатиот период имавме провокации од поединци и од групи, само со цел да се нарушат односите и атмосферата во државата и односите со соседни држави, треба да се воздржат и да не користат вакви настани за да креираат несакани ефекти во нашето општество. Огромното мнозинство на нашите граѓани сака достоинствено и мирно чествување на роденденот на Гоце Делчев. МВР нема да дозволи, поединци и вакви групи тоа да им го оневозможат на нашите граѓани – порача Ковачевски.

Секој странски државјанин за кој, како што рече, МВР има информации од соодветните безбедносни служби дека е лице коешто со влезот во државата може да ја наруши националната безбедност, владеењето на правото, јавното здравје или меѓународните односи на државата, согласно со Законот за странци нема да биде пропуштен во државата.

– Тие одлуки се носат согласно Закон за странци, согласно информациите со коишто располага МВР, се носат на денот на настанот и во деновите пред настанот. Можете да видите дека МВР уште од вчерашниот ден ги презема потребните активности – рече Ковачевски.

На чествувањето, покрај државно-владиниот врв, ќе оди и делегација на опозицијата.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на утрешната манифестација и повикуваме на достоинствено и мирно чествување“, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонскиот полициски синдикат побара од своето членство „да не се става во функција на политички партии и други групации заради вршење на кривични дела и прекршоци“.