Ниту „бомби“ ниту меѓународна истрага за „Диво Насеље“


Ветувањата дека јавноста ќе дознае кој стои зад крвавата пресметка што се случи пред точно четири години во кумановската населба Диво Насеље и дека ќе има меѓународна истрага за овој случај, останаа само празни зборови на сегашните власти, кои пред неколку години беа во опозиција. Јавноста вчера се потсети на осумтемина полицајци кои загинаа во престрелката, а роднините на дел од осудените излегоа на протест на плоштадот „Скендербег“ и пред Кривичниот суд. Осудените кои се товареа за тероризам ја чекаат правосилноста на пресудата во затворите во Шутка и „Идризово“, а на 16 и 17 мај заедно со своите адвокати ќе се произнесат за првостепената пресуда пред Апелацискиот суд.
Во ноември 2017 година за крвавиот чин беа осудени 33 лица, осуммина на доживотен затвор, а останатите на над десет години затвор. За време на судскиот процес никој од обвинетите не негираше дека дента бил во Куманово и учествувал во престрелката, но сите тврдеа дека биле искористени за политички цели. Одбраната бараше во судница како сведоци да бидат повикани поранешниот премиер Никола Груевски, тогашната министерка Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Таа тврдеше дека имаат прислушувани разговори меѓу обвинетите со високи политичари и полициски структури.
Јанкулоска и Мијалков си поднесоа оставки после крвавиот чин, но досега не се докажа вмешаноста на поранешната власт во пресметката која се случи непосредно пред објавувањето на „бомбите“ кои беа повод за промена на власта во Македонија.
„Остана нерасветлено кој е организаторот на овој немил настан, кој се тие што го изведоа тоа сценарио. Општо е познато дека цело време при пристигнувањето на членовите на вооружената група, сите власти беа запознаени за нивното пристигање, беа снимани со дрон и можеше да се превенира да не дојде до немил настан. Очигледно дека некој сакал да се случи немилиот настан и очигледно успеал“, вели адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи.
Тој очекува овој предмет да биде вратен на повторно судење бидејќи на првото судење не бил прифатен ниту еден доказ од одбраната. Рауфи останува на ставот дека треба да се спроведе меѓународна истрага за овој случај, но иако побарале немаат никаква комуникација со владата. „Во овој случај неопходно е да се формира тим од јавни обвинители од Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупција кои заеднички би го расветлиле овој, според мене, монтиран случај“, вели Рауфи.
Владата во ноември пред две години прифати да биде отворена меѓународна истрага за случајот „Диво Насеље“. Премиерот Зоран Заев изјави дека е информирана меѓународната заедница и оти се бараат начини за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановската „Диво Насеље“.
Но засега нема ништо конкретно за овие најави, а за ова нема никаква информација ниту министерката за правда рената Дескоска.
Според реториката на специјалната обвинителка Катица Јанева, овој случај тешко дека ќе биде расветлен со прислушувани разговори. Таа завчера изјави дека за сега во предистражната постапка имаат само индиции за тоа што и како се случувало тие два дена, но беше децидна дека во бомбите немаат докази за тој предмет.
„Има некои индиции во делот за тоа што и како се случувало во кумановските настани но сè уште СЈО нема најдено разговори според кои ќе може да воспостави надлежност врз тој предмет има некои индиции се работи предистрагата, но тоа многу тешко ќе биде да се каже, дали и кога ќе биде, и дали воопшто ќе биде преземен тој предмет“, рече Јанева.
Вооружената престрелка во Куманово траеше два дена, убиени беа осум припадници на Министерството за внатрешни работи, додека четириесетина беа повредени.
Во престрелките животот го загубија припадниците на МВР, Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ.

Фото: Борис Грданоски

Протест за осудените Албанци
Со скандирање „УЧК, УЧК“, карта на голема Албанија и транспаренти, граѓани Албанци протестираа пред Кривичниот суд барајќи, како што наведоа, правда за осудените за тероризам од настаните во кумановско Диво Насеље, малиот Алмир и осудените за убиството на навивачот Никола Саздовски.
Сите говорници зборуваа само на албански јазик и порачаа да се престане со монтирани процеси, селективна правда како од времето на Груевски.

Фросина Факова-Серафиновиќ