Нискиот водостој се заканува да ја прекине пловидбата по Рајна и да ја подели реката на два дела


Ниското ниво на водата може да доведе до прекин на товарниот сообраќај на клучен дел од реката Рајна и да ја подели таа витална европска речна артерија на два дела, предупреди денеска Германската федерална асоцијација за речна пловидба.

Јенс Шванен, извршниот директор на Асоцијацијата, за весникот „Рајнише пост“ изјави дека се очекува нивото на водата кај Кауб поради недостигот од врнежи да падне под едноцифрена вредност.

Мерната станицата во Кауб се наоѓа јужно од Кобленц, на еден од најплитките делови на Средна Рајна.

„При толку ниско ниво на водата нема да може да се врши превоз на стоки по реката“, изјави Шванен, додавајќи дека истото ќе важи и за еднодневните излети и за крстарењата.

„Во суштина, Рајна повеќе нема да биде пловна по целата должина и на тој начин ќе биде поделена на два дела“, рече Шванен.

Тој посочи во северниот дел пловидбата ќе продолжи меѓу пристаништата Амстердам, Ротердам и Антверпен, како и долж каналската мрежа во Западна Германија, додека на југ сообраќајот ќе продолжи по притоките, меѓу кои Мајна, Мозел и Некар, како и по каналот Мајна-Дунав.

Најнаселената германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, исто како и Долна Саксонија, Рајнланд-Пфалц и Сар, викендов ги намалија ограничувањата за сувоземниот товарен транспорт со цел да се намалат транспортните проблеми предизвикани од ниското ниво на водата во реките, вклучително и во Рајна.