Ништо од осминафинале за македонските одбојкари, Турција загуби од Финска


Македонската одбојкарска репрезентација остана без историски пласман во осминафиналето од Европското првенство откако денеска Турција загуби од Финска со 3:2 во сетови.

По вечерашниот последен натпревар во нашата група, стана јасно дека во следната фаза одат Русија, Словенија, Турција и Финска, додека нашата селекција извиси, заедно со Белорусија.

Финците поведоа во овој натпревар со 1:0 во сетови, но набрзо Турција се врати во игра и направи пресврт освојувајќи ги убедливо следните два сета за предност од 2:1. Турците беа на три, четири поени од освојување на четвртиот сет, но Финска со 25:23 израмни на 2:2, а во последниот сет не прокоцка четири сет и меч топки и на крајот се радува на победа и пласман во осминафиналето.

Како утеха за нашите одбојкари останува фактот што се прикажаа во одлично светло во последните три натпревари на турнирот, но останува жал за пропуштената шанса и поразите во првите два меча против Финска и Турција, кои од оваа перспектива беа клучни за пласманот понатаму и покрај сензационалните два триумфи против Словенија и Белорусија.