Ништо од обештетувањето за запленетите авиони во Русија
Штетата моментално се проценува на 10 милијарди долари, но осигурителните компании истакнуваат дека цената е надуена

Околу половина од 1.000 авиони во руската флота се во сопственост на странски лизинг компании, наведува агенцијата Блумберг.
Неколку дена по почетокот на нападот, ЕУ им нареди да ги вратат авионите. Околу 30 авиони беа запленети во Хонг Конг, Истанбул и Мексико Сити, но околу 400 останаа во Русија.
Повеќето од нив се регистрирани во даночните раеви како Ирска и Бермуди, а кога тие земји ги повлекоа гаранциите, Русија на 14 март ги повика авиокомпаниите да ги регистрираат дома, иако тоа е забрането со меѓународните воздухопловни договори.
Лизинг-компаниите набрзо побарале отштета од нивните осигурителни компании врз основа на полиси во кои вредноста на авионот се проценува на 15 до 150 милиони долари, пренесува Јутарњи лист.
Санкциите го спречуваат нормалното одржување на авионите поради забраната за продажба на оригинални делови и давање услуги на превозниците во Русија. Ова значи дека овие авиони би можеле да бидат неупотребливи кога ќе им заврши наемот, бидејќи без веродостојна евиденција за одржување, тие би биле безвредни за големите заемодавачи кои работат за реномирани клиенти, објасни за Bloomberg Џон Стрикленд, шеф на JLS Consulting во Лондон.
„Нашите членови со децении плаќаат скапи полиси за осигурување токму поради вакви ситуации“, рече Деклан Кели, претседател на Aircraft Leasing во Ирска, кој обединува 33 компании за лизинг на авиокомпании.
Најголемата компанија за лизинг, EрKep холдингс НВ, вели дека поднела барање за покривање на загуби од околу 3,5 милијарди долари за 113 авиони во Русија. Ер лиз корп. планира да побара повеќе од 800 милиони долари за своите 27 авиони таму, а BOC Aviation Capital има 17 авиони во Русија проценети на речиси 600 милиони долари.
Вкупната штета може да биде 10 милијарди долари. Осигурувачите тврдат дека бројките се надуени и дека осигурителните компании на крајот ќе платат само 10 до 15 отсто од вредноста на авионот, според Лојд.
Обештетувањата би можеле да бидат најголеми по оние по 11 септември 2001 година. Пред 11 септември никој не очекуваше да се урнат четири авиони одеднаш, вели Џејмс Хили-Прат, партнер на Keystone Low во Лондон. „Слично на тоа, ризикот од масовни заплени како оној што го видовме во Русија не беше соодветно обмислен. Тоа ќе резултира со ценовен шок“, вели тој.