Ништо од електричните возила од зоната во Тетово, компанијата „Некст.е.ГО. Мобиле“ е на чекор до стечај

Некст.е.ГО. Мобиле ја објави својата одлука да поднесе барање за отворање на постапка за несолвентност до надлежниот округ судот во Ахен. Тоа, како што објаснуваат познавачите, е чекор кон стечајна постапка


 

Најавата дека во Македонија ќе се произведуваат електрични возила, по се изгледа дека ќе остане само најава, откако компанијата „Некст.е.ГО. Мобиле“, своевремено помпезно претставена дека ќе гради фабрика за автомобилите е.Го. во ТИРЗ Тетово, објави дека поднела барање за постапка за несолвентност. Тоа, како што објаснуваат финансиски експерти, е постапка која е вовед во стечај.

Во информацијата пренесена на интернет страницата на Маркет скринер, се вели дека „Некст.е.ГО. Мобиле“ (Next.e.GO Mobile SE – „e.GO“), иновативен германски производител на електрични возила со батерии, денеска ја објави својата одлука да поднесе барање за отворање на несолвентната постапка до надлежниот округ судот во Ахен. e.GO е подружница во целосна сопственост на Next.e.GO N.V., која е котирана на берзата Насдак во САД.

„Одлуката да се аплицира за отворање на постапките за несолвентност доаѓа во услови на неодамнешни негативни случувања и предизвици во индустријата за електрични возила, нестабилност на пазарите на капитал, влошена од неодамнешната ситуација околу другите играчи во секторот ЕВ“, се вели во информацијата.

Исто така, се посочува дека со оглед на неповолното пазарно опкружување, финансиските инструменти засновани на капитал кои беа обезбедени од Друштвото не можеа да се претстават на очекуваното ниво и темпо.

„Покрај тоа, и покрај значителните напори на компанијата, преовладувачките пазарни услови заедно со несигурноста во секторот ЕВ дополнително значително ја попречија способноста на компанијата да обезбеди алтернативно финансирање, како што се бара во локалната регулаторна рамка“, се вели во информацијата.

Во светло на овие околности, како што се додава, управните директори на e.ГO донеле „тешка одлука да поведат постапка за несолвентност“ за да обезбедат усогласеност со локалната регулаторна рамка.

Другите филијали, вклучително и Некст.е.ГО Н.В. како матична компанија на Некст.е.ГО. Мобиле СE, се очекува да покренат соодветни постапки за несолвентност на краток рок.

„Компанијата останува посветена на тесна соработка со сите релевантни страни, за да обезбеди непречена транзиција низ постапките за несолвентност“, се наведува во информацијата.

Во средината на август 2022 година во Тетово беше потпишан договор за производство електрични автомобили меѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и германската компанија НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ и беше поставен камен темелник на фабрика во ТИРЗ Тетово.

Според тогашните најави, фабриката требаше да се гради на 60 илјади метри квадратни, и да вработи 900 лица, а вкупната инвестиција требаше да изнесува 130 милиони евра.

Али Везваеи, претседавач на бордот на компанијата e.GO рече дека се навистина возбудени што ќе се шират во земјава, по нивното присуство во Бугарија, каде што исто така беше најавена изградба на микрофабрика.

Тогаш беше најавено и дека првите „е.ГО“ автомобили од македонско производство се очекуваат во последниот квартал од 2024 година, како и дека платите во новата фабрика за електрични автомобили во Тетово ќе бидат 2,5 пати над просечната плата во земјава, односно во просек од околу 1.340 евра бруто.

Капацитетот на фабриката требаше да биде 30.000 електрични автомобили годишно, исто како и во Бугарија, со тоа што таму фабриката требаше да биде опремена до крајот на 2023 година.

Инаку, како што објави набрзо потоа Радио Слободна Европа „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“ била регистрирана во земјава на само две недели пред да го потпише договорот за државна помош со македонската влада. Фирмата влегла во бизнисот со паричен влог од 5.000 евра. Управител на фирмата во земјава е Фабијан Вајнсенборн, но, во владиното соопштение беше наведено дека потписник на договоорт е Али Везваеи, кој е претседател на Одборот на „е.ГО“, а исто така е директор на фирмата „Еколог.“