Ништо од дијалогот на Вучиќ и Курти: многу обвинувања, малку разговор


Албанскиот премиер наводно барал Србија да признае дека вршела геноцид уште од 1878 година, Вучиќ вели дека барањата биле на „ирационални луѓе“

 

Новата рунда на дијалогот меѓу Србија и Косово во Брисел пропадна како и претходните.

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак, само кусо изјави дека имал состанок со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ и дека е направен „мал напредок“. „Средбата беше тешка и покажа многу различни пристапи на двете страни за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија. Последица од тоа е многу мал напредок постигнат денес“, рече Лајчак по состанокот.

Тој додаде дека се разговарало за неколку конкретни предлози, но дека единствениот заклучок е дека дијалогот ќе продолжи. Лајчак нагласи дека преговарачите ќе се состануваат еднаш месечно со цел да подготват состаноци на највисоко ниво. Вучиќ и Курти се согласија да ги продолжат преговорите во септември.

„За ЕУ е важно ​​да нагласи дека европската иднина на Србија и Косово зависи од нормализацијата на нивните односи и затоа очекува двете страни да работат заедно, да го надминат минатото и да ги решат тековните проблеми меѓу себе“, додаде Лајчак.

Курти и Вучиќ беа поопширни во изјавите за новинарите.

Косовскиот премиер изјави дека никогаш не рекол дека Србите се геноциден народ, но такви биле режимите во Србија.

„Ова не е прво злосторство и прв геноцид. Имаме долга историја каде Србија како држава, а не Србите, изврши геноцид, институционалното раководство на државата Србија е одговорно за геноцидот“, рече Курти обраќајќи им се на новинарите од Србија, по средбата со Вучиќ.

Тој рече дека на претседателот на Србија му подарил три книги за злосторствата на Србија против Албанците, но дека од него добил само навреди како подарок.

„Ние ќе се погрижиме секој да ги искористи своите права. Косово беше под меѓународен протекторат, под УНМИК, ЕУЛЕКС, сега под Специјалниот суд и ние отсекогаш сме биле под надзор на меѓународната правда, што не беше случај со Србија“, рече Курти.

Тој рече дека е против какво било насилство во Косово, особено против малцинствата. „На оние кои сакаат поделба, такви дела им одговараат“, рече Курти.

Премиерот на Косово нагласи дека тој предложил мировен договор кој не бил прифатен од Србија. „На почетокот предложив писмен договор од шест точки, кој не беше прифатен. Договорот беше одбиен пред да се прочита. Според мене, тоа докажува неподготвеност за договор“, рече Курти.

Албин Курти во разговор со српските новинари

Српскиот претседател на новинарите им зборуваше поинакви работи. Тој изјави дека Албин Курти ги измамил новинарите кога рече дека Вучиќ е тој што ги отфрлил точките на предлогот за денешниот разговор и додаде дека тоа ќе го потврдат и претставниците на ЕУ.

„Сите три ставки, што и да е напишано тука, Србија ги прифати стопроцентно. Албин Курти ве измами затоа што сакаше на сето тоа да се приклучи дека Србија треба да се соочи со минатото, со геноцидот од 1878 до 1999 година“, рече Вучиќ.

На прашањето како одговори на обвинувањата на Курти, тој рече дека одговорил сериозно и со аргументи, бидејќи смета дека „знае историја и географија малку подобро од него“.

„Посебно се концентрирав на Втората светска војна и нивната улога во нацистичкото движење и сè што му направија на српскиот народ и секој што беше антифашистички ориентиран“, рече Вучиќ.

Вучиќ објаснуваше дека цело време сакал да најде начин да зборува за иднината. Тој исто така посочува дека Србија секогаш ќе биде подготвена да разговара, но не знае што да стори за да се поправи ова.

Вучиќ мисли дека претставниците на ЕУ не можеле да веруваат во тоа што го слушаат и дека 10 пати му рекле на Курти да зборува за иднината, но тоа не се случило.

„Ова не е пат-позиција, туку ужасна позиција – пат-позиција во шахот е кога секој добива по половина, а тука сите изгубија не половина, туку цел поен“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Белград ќе разгледа дали однесувањето на косовската делегација во преговорите е последица на тоа што Приштина има нечија многу посилна поддршка отколку што се сметаше претходно.

„Се работи за ирационални луѓе или луѓе кои имаат нечија многу силна поддршка, многу посилна отколку што мислевме, а наше е да го разгледаме во наредните денови“, рече Вучиќ. (Според агенциите)