Нинова бара Софија да го задржи тврдиот став кон Македонија

Лидерката на БСП и потпретседател на владата на конгресот кој ја отфрли нејзината оставка изјави дека „преговорите на Македонија со ЕУ не можат да започнат на сметка на бугарскиот национален интерес и историска вистина“


 

Потпретседателката на бугарската влада и лидер на социјалистите (БСП), Корнелија Нинова, вчера ја доби поддршката од конгресот на партијата откако поднесе оставка, изјавувајќи дека нема да има промена во тврдата позиција кон Македонија. Нинова ја доби поддршката на делегатите кои гласа со 415 гласа против оставката и 164 гласа „за“.

На три дена пред заедничката седница на бугарската и македонската влада во Софија во вторник, 25 јануари, Нинова во обраќањето пред делегатите  

Нинова, како што јавија бугарските медиуми, ја искористи говорницата на конгресот да ја предупреди владата на Кирил Петков на три прашања: односот кон Македонија, ситуацијата околу Русија и Украина и Истанбулската конвенција за родова еднаквост.

Според нејзините зборови, БСП нема да „попушти пред Северна Македонија и преговорите на Скопје со ЕУ не можат да започнат на сметка на бугарскиот национален интерес и историска вистина, сѐ додека има говор на омраза“.

Во бугарската делегација што дојде во Скопје со Петков беше и потпретседателот на бугарското собрание и висок член на раководството на БСП, Кристијан Вигенин, од кого не се слушнаа зборови за тврдата позиција на неговата партија.

Околу односите со Русија БСП го поддржува членството на Бугарија во НАТО. Но, вели таа, Бугарија е суверена држава и за бугарскиот став за кризата околу Украина не било разговарано во владата и дека коалицискиот договор предвидувал да се бара продолжување на дијалогот со Русија во рамките на ЕУ и во партнерските области како економијата, енергетиката и туризмот. Третото прашање за кое ги предупреди коалициските партнери беше Истанбулската конвенција. Според неа, во коалицискиот договор стоело дека таа е противуставна и БСП нема да дозволела во Бугарија да се признае третиот пол.

На кој начин овие ставови на Нинова може да ги комплицираат идните македонско-бугарски разговори засега не е јасно, но очигледно дека БСП, како и претходните години, го има еден од најтврдокорните ставови во бугарското општество кон нормализирање на односите меѓу Бугарија и Македонија, ако тие не бидат врз основите што ги бара Софија.

Инаку, БСП на трите избори минатата година доживеа драматично осипување на поддршката меѓу гласачите. Пред четири години БСП на изборите доби 955 илјади гласови, а на гласањето во ноември само 267.000. Тоа беше причина Нинова да поднесе оставка, но при преговорите за составување влада беше невозможно за Петков без поддршката на БСП да формира мнозинство и Нинова ја искористи ситуацијата да стане визепремиер и сега да ја зачува позицијата во партијата.