Нинџа: ВМРО-ДПМНЕ подготвувала заплашување на членовите на ДИК


Фото: Б.Грданоски

Александар Василевски Нинџа денеска се појави во скопскиот Кривичен суд во улога на сведок во предметот за организацијата на настаните од 27 април во 2017 година. Според неговото сведочење, вечерта по изборниот ден на 11 декември во 2016 година раководството на ВМРО-ДПМНЕ и партиски функционери ја славеле победата во „Скај бар“ во хотел „Русија. Два дена по забавата биле поднесени приговори, па почнале организирани протести пред Државната изборна комисија (ДИК) за кои насоките доаѓале од ВМРО-ДПМНЕ.

„Имаше насоки да се влезе во зградата на ДИК и да се дејствува во насока на заплашување на членовите на Комисијата да не одлучат спротивно на замислата на ВМРО-ДПМНЕ. Случувањата од 27 април ќе беа и порано ако одлуката на ДИК беше во корист на СДСМ“, рече Александар Василевски Нинџа.

Одлуката на ДИК била во корист на ВМРО-ДПМНЕ, но партијата, сепак, не формира влада и се организираа протести под мотото „За заедничка Македонија“.

„За повикување на масовност на протестите се одеше преку генералниот секретар Кирил Божиновски, преку организациониот секретар Спире Ристевски“, кажа Василевски.

Протестите, како што тврди Василевски, ги организирала ВМРО-ДПМНЕ преку општинските и месни комитети, а вработени во градинки, во Водовод и канализација и други институции кои биле членови партијата требало да излезат и да ги поддржат.

Одбраната пред почеток на денешното рочиште се изјасни против сведочењето на Василевски со образложение за контроверзен исказ кој го дал во тек на истрагата за организаторите што се поклопува со периодот пред изрекување на пресудата.

Пред почеток на денешното сведочење, Василевски повтори дека поради исказите за предметот „27 април“ е под постојани закани од политички и безбедносни структури во изминатите две и пол години додека е во притвор.