Нинџа: Ми се заканија лица кои беа во придружба на ќерката на Чавков


Александар Василевски – Нинџа, утрово пред почетокот на јавната седница во Апелацискиот суд за случајот „27 април“, им кажа на судиите дека лица кои биле пред судската зграда во придружба на ќерката на Митко Чавков, му се заканувале, објави „360 степени“.

„Сакам да ве известам дека утрово додека ме спроведуваа од притвор при влез во судската зграда лица од патриотските здруженија кои беа во придружба на ќерката на Митко Чавков ми се закануваа. А, Чавков директно ми се закани и дента кога беше изречена пресудата на 15 март 2019″, рече Нинџа.

Тој додаде и дека добивал закани од политичари додека е во притвор, а пред неколку дена беше на разговор кај обвинителката Вилма Русковска, за да ги пријави заканите.
Нинџа доби најмала казна од останатите осудени во случајот, односно 8 години. Тој соработуваше со обвинителството, и со неговиот исказ го поткрепи обвинителниот акт, а како сведок треба да се појави и на судењето за организаторите на „крвавиот четврток“.