Нина Спирова денес ќе биде погребана во с. Коштуничи, Србија


Погребот на Нина Спирова, легенда на македонската и ексјугословенската естрада ќе се одржи денес во село Коштуничи, Србија. Спирова завчера почина на 82 години.

Родена е на 26 октомври 1938 година во Прилеп. Една е од од најпознатите пејачки од овие простори. Со нејзиниот кадифен и милозвучен моќен глас остави трајни вредности, музички записи на забавни мелодии како и староградски македонски песни меѓу кои и: „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“ и многу други.

Има учествувано на првите изданија на Скопскиот фестивал, а голем успех постигна и на фестивалите “Опатија – мјузик-фестивал“ кога победи со “Еден бакнеж….“ како и на “Белградска пролет“. Соработувала со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски. Снимила над 80 шлагери од кои поголемиот број се хитовите: „Молчи, молчи љубов моја“, „Еден бакнеж песни рој“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ итн….

Нина Спирова е меѓу првите македонски женски изведувачи на забавна музика, но, во својата кариера се посвети и на народната и староградска музика. За продукцијата на МРТВ има снимено над 80 композиции, од кои поголемиот број се впишани на листата евергрини. Освен авторските песни, Спирова има исполнето и снимено голем број познати хитови од страна на светски аранжери. Нејзината плоча „Македонски бисери“  во 1983 година беше прогласена за најдобро дискографско издание во областа на народната музика. Освен на македонски јазик, Спирова има снимено сингл плочи и на српскохрватски јазик.

Нина се повлече од музичката сцена во 1980-тите години, а околу половина век живееше во Србија. Последните години од својот живот ги помина во семејната куќа во село Коштуничи во близина на Чачак.