Нина, покажи се!


Кога Нина Ангеловска ќе влезе во Министерството за финансии, ќе нема многу време за да направи чуда, без оглед кога би биле следните (предвремени) избори. Ама може да направи два-три тивки потези со добри последици, и врз буџетот, но и врз функционирањето на компаниите. Така велат познавачи на економско-финансиското милје што преживеале повеќе политички обезредувања (читај масакри) врз и онака кревката бизнис-клима.

Новата министерка, освен што влегува во женскиот финансиски квартет, каде што се гувернерката на Централната банка Анита Ангеловска-Бежоска, директорката на УЈП Сања Лукаровска и заменик-министерката за финансии Ширет Елези, е и многу млада (31) и им давала плата на вработени („Групер“). Оти, и за нејзиниот претходник, како и за неколкумина пред него, коментарите беа „Не знае што значи да обезбедиш плата за работници, ќе знае да води ресор финансии!“ И сега од неа се очекува да води тежок, а пред избори и опасен ресор, како што е Министерството за финансии и да потпишува да излегуваат пари од трезорот. А кога сме кај трезорот, може и да иницира негова контрола, за да потврди дека ќе вложи „максимум во унапредувањето на фискалната транспарентност и домаќинско раководење со парите на граѓаните“, како што напиша на Фејсбук.

„Она што треба да го направи е да притисне повеќе за даночна консолидација. Да удри колку што може силно, со постоечките закони, врз неплаќањето данок. Ова што Лукаревска од УЈП го прави, треба да продолжи уште посилно, во делот на контрола на фискализацијата и наплатата на ДДВ на цела територија на државата. Оти голем е црно-сивиот бизнис. И на увоз. И не е точно дека неиздавањето фискални сметки ги спасува газдите од затворање. Мала е разликата за купувачот ако не плати ДДВ, ама голем е буџетскиот ќар“, вели бизнис-колега на идната министерка за финансии.

И уште поургентно за компаниите е конечно некој да најде сила да пресече со „плати – врати ДДВ“ кај извозните компании. Тоа е ситуација во која извозници имаат големи износи платен ДДВ за кој државата им должи поврат, а истовремено, кога прават увоз, не им ја пуштаат стоката додека не платат ДДВ за неа. Се изморија коморите убедувајќи дека ова не е мерка на која треба да се гледа само низ буџетска призма. Зашто компанија да чека поврат од 60 до 90 дена, а притоа да бара пари со камата од банки за да плати увозно ДДВ, што, најблаго речено, е неевропско однесување. Не мора подалеку да оди, новата министерка може да го ѕирне хрватското решение и со европско знаменце измената на регулативата експресно да ја изгласаат сите пратеници.

Имаат бизнисмените уште пораки до својата колешка. Како на пример, да проветри во Министерството, а потоа да бара останатите да си ја заработат платата. Исто така, да ги вложи менаџерските способности во конечно поттикнување на капиталните инвестиции, не само во инфраструктура туку и во образованието.

За посериозни зафати, за кои плаче македонската економија, велат нема време, а не треба да се прават уште штети од брзоплети потези, како оној со зголемување на стапката на персоналецот. Ем бизнисот бесен, ем немање позначаен буџетски ефект, ем без продолжение преку поголемо оданочување на имотот.

„Прогресивна фискална политика е најубав начин да ги истераш побогатите и тие што отвораат работни места од државата“, ѝ напишаа на идната министерка. Нејзиниот одговор наскоро сите ќе го видиме.

Анита Салтировска