Николовски: Власта крати 478 милиони денари од поддршката за земјоделците со ребалансот на Буџетот


Фото: Б. Грданоски

Пратеникот од редовите на опозициската СДСМ, Љупчо Николовски, денеска на прес конференција го оцени Предлог-ребалансот на буџетот како „антинароден и расипнички“ со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците.

„Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз“, изјави Николовски.

Тој посочи дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци – за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака – власта им го завртува грбот.

„Наместо поддршка, добиваат игнорирање. Наместо интервенција, добиваат кратење. Владата, која ветуваше ‘грижа за селото’, денес го гази токму тој најважен столб на економијата“, рече Николовски.

Тој додаде дека пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство.

Меѓу другото, се предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне; итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.