Николовски: Тестовите се намалуваат за да не се знае колку се разболуваат


По 16-те соопштенија што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги испратија во текот на денот, убедувајќи се главно дали е време или не за избори, опозицијата употреби и графики за да покаже колку е опасна пандемијата со корона вирусот и колку е неодговорна владеечката партија што бара договор за изборниот термин.

Според Александар Николовски, одлуката за намалување на тестовите е политичка, а не одраз на реалната состојба, за да се покаже дека епидемијата не е од таков размер за да биде пречка да се организираат изборите.

-Со намалувањето на бројот на тестови, се намалува и бројот на детектирани ново заразени. Одлуката за намалување на тестовите е политичка и не е донесена од Комисијата за заразни болести. Тогаш како може да се тврди дека експертите односно епидемиолозите ќе донесат одлука за можност или неможност за одржување на избори? – сам си прашуваше и сам си одговараше Николоски.

-Без тестирање, без вистински аргументи, како ќе одлучуваат експертите? Потребно е да се зголеми и забрза тестирањето, за да знаеме со што се бориме. Потребно е да се тестираат ризичните групи, како докторите и медицинските работници.Како инаку ќе одлучуваат експертите? Врз основа на тоа што ќе им издиктира Љупчо Николовски или Зоран Заев?- порача Николоски.

Подготвен ли е Љупчо Николовски,“докторот”, да ги носи на одговорност во просек 4-5 смртни случаи кои што ги имаме дневно од корона во здравствениот систем? За период од 60 дена тоа ќе бидат вкупно околу 300 починати лица, додаде тој.

-Како  ја добиваме битката со коронавирусот, така неодговорното и несериозно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Игор Јанушев прогресира.
Во борбата против коронавирусот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа на погрешната страна и ќе останат запаметени по тоа што се исмеваа и ја потценуваа пандемијата, а потоа се посветија целосно на деструкции и лажни вести.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ покажаа крајно неодговорно однесување во клучните моменти за здравјето на македонските граѓани. Затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бегаат од  демократски мегдан и се плашат од избори. Тоа е причината поради којашто не сакаат функционално Собрание, нормализирање на состојбата и имаат уплав од избори, им реплицираа од власта.