Николовски: Со формирањето на националниот Агро Совет, земјоделците директно учествуваат во распределба на финансиската поддршка


Вистинската грижа за земјоделците подразбира изнаоѓање на решенија за нивните проблеми, а најдобрите решенија се оние кои се подготвени заедно со земјоделците, слушајќи ги нивните маки и нивните предлози. Токму вака креираните мерки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе го даваат вистинскиот ефект и резултати, соопштија од МЗШВ.

– Кога го подготвуваме Националниот план за производство на храна отворивме широк консултативен процес, односно ги слушавме потребите и предлозите на земјоделците и стручната јавност. Се водевме од тоа да изнајдеме решение и да креираме мерка за секое барање и проблем кој тие го посочија. Така се подготви Националниот план, така се креираа мерките од Интервентниот фонд и затоа ефектот од овие мерки е толку голем, односно се соочуваме со рекорден интерес и апликации. Токму затоа можеме да очекуваме дури и во услови на светска криза, стабилно домашно производство на храна, но и зголемени приноси во клучните земјоделски гранки, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Сите мерки по завршување на широкиот консултативен процес, досега се подготвуваа во соработка со потсекторските групи во рамки на Министерството, а во кои членуваат претставници на земјоделците и земјоделските стопанства. Еден од позитивните примери за ваквата соработка е поддршката за набавка на специјализирани комбајни за ориз и мобилни сушари за ориз, но и неодамнешното зголемување на грантот за поддршка на руралната жена од 3.000 на 6.000 евра, мерки кои се воведени по барање на земјоделците за олеснување и развој на земјоделското производство, информираа од МЗШВ.

Со цел поголема улога на земјоделците во носењето на одлуки и креирање на мерки за финансиска поддршка повторно е формиран националниот Агро Советот, односно Советот за земјоделство и рурален развој. Со Советот, како што посочуваат од МЗШВ, раководи министерот за земјоделство, а во него членуваат претставници на земјоделците, земјоделските стопанства, земјоделските здруженија, стопанските комори, универзитетите и претседателите на потсекторските работни групи.

– Повторното активирање на овој Совет дава уште поголема шанса на земјоделците за директно учество во креирање на политиките и мерките на министерството. Земјоделците имаат можност да одлучат за што и како ќе се распределат средствата на министерството на транспарентен и отворен начин, посочи Николовски.

Советот за земјоделство и рурален развој ќе ја одржи својата конститутивна седница во првата половина од јули, информираат од МЗШВ.