Николовски праша каде се парите, Заев му одговори државата е стабилна и ликвидна


Финансиската состојба е стабилна, а државата е солвентна и финансиски е ликвидна, изјави денес премиерот Зоран Заев одговорајќи му на пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ кој праша „каде се парите“ на собраниската седница за пратенички прашања, прва откако е избрана новата Влада.

Николовски рече дека за две години дефицитот достигна 1,6 милијарди евра, годинава државата се задолжи една милијарда евра, а средствата за здравството се многу помалку, додека во исто време нема никакви инфраструктурни проекти кои што се реализираат, ниту пак ссе исполнуваат владините ветувања.

Николовски исто така рече дека се енормно зголемени средствата за трансфери во Буџетот, која е според него е најсомнителна ставка, а која годинава била во износ од 870 милиони, а за наредната годоина се предвидени 641 милион евра.

„Наспроти ваквите бројки, за здравството годинава се наменети само 59 милиони евра повеќе, а исто е и за 2021 година“, рече Николовски, кој рече дека во однос на кризните 2008/09 година и 2011 година Буџетот сега е дуплиран, но тоа не вроди со никакви економски ефекти и нови инфраструтурни проекти.

Заев, пак, образложи дека приходите од ДДВ, персонален данок и данокот на добивка за месец декември годинава (заклучно со 29 овој месец) покажуваат дека стопанството заживува и дека мерките на Владата дале резултати.

Така, од 1 до 29 декември од ДДВ приходите биле 6,48 милијарди денари, што е за 6 отсто повеќе од лани, на персонаалниот данок на од доход биле 2,27 милијарди денари или за 8 отсто повеќе од истиот месец лани, а на данокот на добивка 852 милиони денари или за 8,5 отсто повеќе од истиот месец лани.

Во ноември пак, приходите на овие три најзначајни приходи биле за 2,5 отсто помали во однос на истиот месец лани, а во октомври за 2,5 отсто поголеми во однос на октомври 2009 година.

Заев очекува дека Буџетот годинава ќе се реализира со над 96 отсто, што е одлично ниво на реализација, а дека капиталните инвестиции ќе се реализираат со над 80 отсто.

„Сето ова е во година кога за отплата достасаа 1,14 милијарди евра кредити кои беа земени во претходниот период и беа навреме платени и тоа во време на корона криза“, рече Заев.

Тој додаде дека дефицитот годинава е околу 600 милиони евра, наспроти вообичаените 350 милиони евра, додека вредноста на досега преземените пакети мерки изнесува над една милијарда евра, пари кои се директно вбризгани во стопанството и кај граѓаните. Оваа разлика покажува дека државата се откажала од непотребни трошоци кои ги насочила за санирање на последиците од ковид-кризата.

Во одговор на дополнителнот прашање на Николовски за двојно зголемениот Буџет годинава и за 2021 во однос на 2008 -2009 година и за зголемените трансфери, Заев рече дека домашниот бруто производ е исто така двојно поголем сега во однос на 2008/09 година и логично е и буџетот да биде поголем. Заев посочи повеќе проекти кон кои се насочени средствата од буџетските трансфери (МРТ, ПИОМ, Фондот за здравство, зголемени социјални давачки и тн) , како и дека во тек се бројни инфраструктурни проекти – како на пример гасификацијата чија пазарна вредност е околу 500 милиони евра кои се целосно во државна сопственост, изградбата на патишта и тн. (М.Ј.)