Николовски најави затворен базен и згради за млади брачни парови во Крива Паланка

Иако во изминатиот период со срце за Крива Паланка беа направени бројни капитални инфраструктурни проекти, дел од нив се уште се во тек, рече Љупчо Николовски, носител на избирачка листа на коалицијата „Можеме“ во ИЕ 3, денеска во манастирот св.Јоаким Осоговски во родната Крива Паланка, на последниот ден од предизборната кампања и најави неколку нови капитални проекти кои ќе придонесат за останување на младите во градот, економски развој и спортски и туристички подем на оваа општина.

-Во изминатите две ипол години со срце работев на обезбедување можности и финансии за капитални инвестиции и големи инфраструктурни проекти кои значат развој на мојата родна Крива Паланка, како експресниот пат Ранковце –Крива Паланка што отпочна да се гради со 58 милиони евра, целосно е рехабилитиран државниот пат А2-Ранковце-Крива Паланка, инвестиција околу 2.5 милиони евра, се врши реконструкција на патот Крива Паланка-Деве Баир, којшто беше еден од најлошите во државата, а е влез во Бугарија и кон Европската Унија, инвестицијата е 13 милиони евра, реконструиравме бројни регионални патишта по повеќе од 4-5 децении, се гради градскиoт плоштад, срцето на Крива Паланка, со средства од над 600.000 ерва. Направивме бројни проекти, а ќе продолжиме и можеме уште повеќе и уште подобро, порача Николовски.

Од неговиот роден град денеска најави нови економски инвестиции, најмалку пет, за нови работни места за младите од градот, но и неколку други капитални проекти за развој на Крива Паланка.

-Крива Паланка има потенцијал и јас се обврзувам да работам уште посилно за економски развој, за што ќе ја направиме секундарната мрежа за гасификација на градот и секој дом ќе има помалку трошоци. Ќе работам и за развој на туризмот, и го најавувам зимско-рекреативниот центар Калин Камен, но ќе вложиме и во инфраструктура за младите, во станбени згради за млади брачни парови, за да останат тука во својот град, а Скопје ќе биде блиску со новите патишта што се градат. Ќе вложиме многу и во спортот, поддршката за спортот продолжува, ќе изградиме и модерен спортски комплекс со затворен базен и сите придружни спортски содржини, за да ги поттикнеме младите уште повеќе да напредуваат, рече Николовски.

Порача дека изборниот процес на 15-ти јули ќе биде целосно безбеден, па ги повика граѓаните масовно да излезат, почитувајќи ги протоколите и мерките и да ја поддржат опцијата на СДСМ и коалицијата „Можеме“, заокружувајќи го бројот 3.