Николовски најави нов етички кодекс за Владата и функционерите
Заменик претседателот во Владата за борба против корупција, Љупчо Николовски, ги претстави денес целите на кои ќе биде фокусиран, потенцирајќи дека првиот чекор е направен, а тоа е именувањето нова, мала и ефикасна влада, која отвора длабинска и неселктивна борба против криминалот и корупцијата.
-Транспарентноста и отвореноста се наш врвен приоритет и ќе бидат спроведени од најниско до највисоко ниво. Ќе се рационализираат човечките ресурси во јавниот сектор и најдобро ќе се искористат сретствата на граѓаните, рече Николовски.
Потоа тој ги наведе конкретно политиките што ќе ги спроведе.
-Ќе работиме на редефинирање на кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и на функционерите, така што тој ќе стане поприменлив и во согласност со најдобрите меѓународни искуства. Ќе важи принципот нулта толеранција за корупцијата за целата администрација. Секој што ќе направи злоупотреба ќе сноси одговорност. Мора да има ред. Ќе се разработи системска алатка за следење на парите и капиталот на функционерите за да се превенира навреме злоупотреба на парите на граѓаните. Мојата улога ќе биде координативна, треба да доведе до видливи резултати во борбата против корупцијата, рече тој, споменувајќи ги под таа „капа“ МВР, Управата за заштита од корупција, Царинската управа, инспекторатите и целата извршна моќ и институции што се платени да се борат против криминалот и корупцијата.
-Ќе ги премостувам пречките и бариерите во меѓусебната комуникација на оние кои се задолжени да работат против криминалот и корупцијата. Отворена меѓуинституционална комуникација мора да има за да има резултат, и тоа на дневно ниво. Мојот мандат сепак не е да создавам паралелен систем на постојниот туку да бидеме нивен стабилен партнер. Може да направиме дела, да изградиме историја, граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари и како работат или не работат буџетските институции. Сите ќе мора да објавуваат извештаи за своето работење и да имаат план за тоа кои ќе бидат нивните идни цели. Ќе се разгледуваат детално сите квартални извештаи на институциите. Нема да бидат отчетни само министерствата туку ќе отидеме подалеку, рече тој набројувајќи ги тука општините, јавните претпријатија , акционерските друштва во државна сопственост и други институции.
Според него необјавувањето на податоците и неетичко и неморално однесување ќе резултираат и со морална одговорност.
-Не можеме да очекуваме напредок доколку вистинските луѓе не дојдат на вистински позиции, рече Николоски.
Тој ги повика новинарите да се стрпат околу прецизните состојби бидејќи станува збор за позиција која се уште не е етаблирана.
-Не треба да брзаме и да правиме грешки. Ниту една земја не ги остварила овие цели толку бргу. Имаме време да се поставиме чесно и одговорно и да го воспоставиме системот. Се работи за системски проблеми за кои е дојдено време да одговориме, со изгадба на механизми и модели врз бара за најдобрите практики, рече Николоски.
Тој потсети дека еден од столбовите на новата влада е кратење на привилегиите на функционерите, бидејќи тука се дојдени да работат за плата, а не за бенефиции.
-Може да се скратат многу бенефиции и привилегии, но основно е дека ќе притиснеме целосно да имаме отворени податоци. Само пред неколку години се трошеа милионски износи на забави во странство и на скапи коли. Се уште има постапки и права што не се до крај дефинирани и голем број комисии во кои учествуваат раководители или членови од самите министерства и земаат и плата и надомест, рече Николоски.
Околу укинувањето на надоместот за патни трошоци и дилемата дали ќе се воведе системско решение или секој функционер сам ќе решава за тоа право, Николоски рече дека таа тема се уште не е дефинирана и дека кога ќе дојдат до решение ќе го кажат.
-Досега не сме разговарале за тоа прашање, но сигурно ќе понудиме нов концепт, имајќи во предвид дека пратениците се избирани на непосредни избори и министрите таму даваат отчет на сработеното, забележа Николоски.
Според него тоа прашање сепак не може да биде главна тема бидејќи има толку сфери каде што можат да се намалат трошоците.
-Тоа прашање ќе биде упатено и во Парламентот зошто тој е над Владата и треба да имаме почит кон Собранието и внимателно да ги носиме заеднички сите политики во овој дел, додаде тој.
Запрашан кога државата ќе купи софтверско решение за олеснување на ветингот и зошто тоа не е направено се уште, Николоски рече дека неговата институција е воспоставена пред две недели и се уште не може да знае зошто, бидејќи треба да им се даде време да се доекипираат.
-Многу работи овде 30 години се заталкани…Токму таа донација за софтверот била стопирана, спомена Николоски, додавајќи дека ова и сите други прашања ќе бидат решавани едно по едно.
-Не може да дозволиме еден софтвер, неповрзаност на институциите или технички проблем да бидат изговор за немање резултати во борбата против корупцијата, додаде тој.
Тој рече дека ќе инсистира на јавна процедура за директорските места за да се изберат најкомпетентни лица за ваквите позиции.Тој потврди дека за битните места, како ПИОМ, М-НАВ и слично, се разговара во колицијата, но ќе се избирале најкомпетентните на отворен и инклузивен начин.
За можноста неговата функција да се судри со таа на Антикорупциската комисија, Николоски нагласи дека неговата улога е координативна и олеснувачка и дека со неа само се јакне капацитетот на институциите а не се создава конкуренција. Нераскинлива ќе биде врската со ДКСК но нема да значи мешање во нејзините ингеренции, тврдеше тој.
(Н.В.)