Николовски: Изборите ќе бидат 100 отсто здравствено безбедни


Сакаме фер и демоктратски избори со рамноправно учество на сите учесници во овој процес. Очекувам одговорност од сите учесници во изборниот процес. Слободната волја на граѓаните е врв на демократска придобивка која тие треба да ја искористат, изјави денеска по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

Ги повика граѓаните да учествуваат на изборите и да го дадат својот глас.

– Во минатото се случуваше често гласот на граѓаните да се злоупотреби или попречи. И тоа цела една деценија. Но во повеќе изборни циклуси покажавме дека тоа време заврши. Денес Северна Македонија е слободна и демократска земја. На 15 јули ќе имаме демократски избори. Сто проценти здравствено безбедни со огромно внимание на следење на протоколите и на сите мерки, рече Николовски.

Изрази уверување дека мнозинството граѓани почитувајќи ги доследно мерките за заштита ќе излезат на гласање и ќе се определат за СДСМ и коалицијата „Можеме“.

– Луѓето сакаат европска иднина и прогрес, не сакаат уназадување и изолација. Луѓето сакаат безбедност, каква што добивме со членството во НАТО. Не сакаат несигурна иднина. Луѓето сакаат зголемена минимална и просечна плата, и нормален живот. Не сакаат да живеат во страв, неизвесност и притисоци, оцени Николовски.

Во однос на текот на кампањата, рече дека СДСМ нема да организираат големи и настани и митинзи, туку ќе се фокусираат на кампања која ќе биде безбедна по здравјето на граѓаните.

– Митинзите ги откажавме и први тоа го објавивме затоа што се што треба да правиме треба да биде стопроцентно безбедно. Здравјето на граѓаните мора да биде заштитено, на сите учесници на сите членови активисти на сите оние кои се дел од изборниот процес. Како и досега и отсега ке ги користиме сите нови можности и модерни алатки кои стојат на располагање. Ќе продолжиме да ги користиме социјалните медиуми, традиционалните медиуми, билборди, друг тип на он лајн кампања и внимателно следејќи ја здавствената криза ќе ги димензионираме активностите на нашите кандидати кои ќе треба да се претстават пред граѓаните, рече Николовски.