Николовски: И советниците на функционерите ќе пријавуваат имотна состојба


Заменик-претседателот на Владата Љупчо Николовски изјави денес дека непотизам и корупција при вработувањата во јавниот сектор имало секогаш и тоа не може лесно да се искорени, но, Владата е цврсто решена да ги употреби сите механизми за спречување на оваа појава во иднина.

„Не можеме да очекуваме напредок и резултати од работата на јавниот сектор доколку изборот на вработени не се одвива според предвидените квалификации за одредено работно место. Не можеме да очекуваме напредок доколку вистинските луѓе не дојдат на вистинските позиции. Во целиот процес за превенирање и откривање на корупцијата потребна ни е ефикасна и професионална администрација, на што во следните четири години ќе посветиме сериозно внимание“, изјави вицепремиерот Николовски.

Во насока на превенирање на корупцијата и непотизмот при вработувањата во јавниот сектор, Николовски посочи дека на последната владина седница бил усвоен новиот Кодекс за етичко однесување на Владата и функционерите, кој предвидува значително построги правила и принципи во делот на отчетноста, не само на министрите, туку и за сите функционери, како што се директори на јавни претпријатија, агенции, АД во државна сопственост. Сите функционери до најниско ниво веќе поднесуваат изјави на интерес и имотна состојба. Но, сега задолжени да го прават истото ќе бидат и нивните советници, со цел да се спречи конфликтот на интерес и кај нив. Посебен член назначен од Владата ќе ја надгледува имплементацијата на Кодексот и ќе има право, доколку утврди непочитување, директно да го опомени функционерот, да му побара оставка и да предложи разрешување на седница на Владата.

Николовски истакна и дека во најкусо време ќе предложи и формира тим за следење и кратење на дискреционите права на министрите и директорите.

„Ќе се подготват измени во законите кои предвидуваат широки дискрециони овластувања. Реформата ќе биде крупна и капитална, најавувам дека со неа ќе се опфатат значаен број закони. За ова барам широка политичка поддршка од сите политички чинители, првенствено вклучувајќи ја опозицијата, но секако и невладиниот сектор како и целата експертска јавност“, изјави Николовски.