Николовски: Директорката на Дерматологија не беше на мојата свадба


Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски денеска ги демантираше написите во некои медиуми за наводни карантини на функционери на СДСМ, поврзани со корона вирусот.

-Целосно ги демантирам лагите објавени на одредени медиуми познати како извори на лажни вести за наводни карантини на функционери на СДСМ поврзано со вирусот корона. Лажни се вестите дека директорката со симптоми на вирусот била на партиски состаноци и координации, а уште поголема лага е дека присуствувала на мојата свадбена веселба, напиша Николовски на својот статус на Фејсбук.

Апелира јавноста и граѓаните да не подлегнуваат на лажни вести и целосно и редовно да се информираат исклучиво преку Министерството за здравство и министерот Венко Филипче, кој, како што напиша редовно и темелно известува за состојбата со вирусот Ковид – 19.

-Институциите прават сѐ и се подготвени да се справат со опасноста од ширење на вирусот, додаде Николовски.